Еврокомисијата предлага создавање „Воен Шенген“ и трансформација на одбранбената индустрија на ЕУ

19.11.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Еврокомисијата предлага создавање „Воен Шенген“ и трансформација на одбранбената индустрија на ЕУ

Европската комисија денеска промовираше нова Предлог- регулатива за воена мобилност и заедничка комуникација, која има за цел да овозможи побрзо и непречено движење на трупите, опремата и воените средства низ Европа, како и Патоказ за трансформација на одбранбената индустрија на ЕУ, насочен кон поттикнување на револуционерни иновации во воениот сектор и зајакнување на европската одбранбена индустрија. 

- Заедно, градиме Европа која цврсто стои против секој предизвик, порача извршната потпретседателка на Европската комисија за технолошки суверенитет, безбедност и демократија Хена Виркунен по повод презентацијата на двата документи. 

Според неа, со пакетот за воена мобилност на ЕУ, се поставуваат темелите за побезбедна и поповрзана Европа, преку обезбедување на брзо и непречено движење на војници и опрема низ целиот континент.  

- Со лекциите научени од Украина, Патоказот за трансформација на европската одбранбена индустрија ќе ги забрза иновациите и соработката, држејќи ја Европа на чело на технолошкиот напредок и стратешката подготвеност, рече извршната потпретседателка на ЕК. 

Виркунен истакна дека земјите кандидати за членство кои се членки на НАТО, ќе имаат ист третман во примената правилата за воена мобилност како и државите на Унијата, доколку се спроведува операција на Алијансата на територијата на ЕУ. 

Висока претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас истакна дека брзото движење на европските војски е од суштинско значење за одбраната на Европа.  

- Подготвеноста за одбрана, фундаментално зависи од тоа дали можете да ги однесете вашите тенкови и војници таму каде што ви се потребни и кога ви се потребни, рече Калас. 

[Сакам да бидам многу јасна. Целта не е да се казни Израел. Целта е да се подобри хуманитарната состојба во Газа, рече Калас на денешната прес конференција по седницата на Европската комисија.]

Затоа, според неа, Еврокомисијата денеска предлага „систем за итни случаи“ за прекуграничен воен транспорт и иницијатива за здружување на транспортот на земјите членки за да се олесни движењето на војниците низ целиот континент.  

- Европа се соочува со невидени безбедносни закани. Аргументите за подобра воена мобилност не може да бидат појасни, истакна Калас. 

Според еврокомесарот за одбрана и Вселената, Андриус Кубилиус на силна Европа и е потребна и адаптивна и иновативна одбранбена индустрија и способност да ги движи брзо своите сили и опрема. 

- Регулативата за воена мобилност во пакетот предлага начини за значително намалување на бирократскиот товар и временските рамки за движење на воените трупи и нуди нови решенија за пристапност до средства за мобилност со двојна употреба кога ќе биде потребно, рече Кубулиус. 

Тој нагласи дека целта на овој предлог е воспоставување на „Воен Шенген“, односно област за воена мобилност низ целата ЕУ до 2027 година, што би овозможило ефикасно движење на воениот транспорт, споделување на опрема меѓу земјите членки и нивно меѓусебно помагање во итни ситуации. 

Кубулиус додаде дека дополнително Патоказот за трансформација на одбранбената индустрија ја забрзува транзицијата на Европа кон помодерен, динамичен и иновативен одбранбен екосистем.  

- Така ја претвораме индустриската сила во оперативна подготвеност и осигуруваме дека Европа може да се движи како една, со брзина и координација на нашите безбедносни барања, рече Кубулиус.  

Еврокомесар за одржлив транспорт и туризам Апостолос Ѕиѕикостас истакна дека воената мобилност претставува решавачки чекор во зајакнувањето на способноста на Европа да одговори на секоја безбедносна криза или закана.  

- Се потпираме на најголемата транспортна сила во Европа, Трансевропската транспортна мрежа, која е основа на воената мобилност за брз и непречен транспорт на војници и воена опрема. Ова е инвестиција во безбедноста и во економијата на Европа, рече Ѕиѕикостас. 

Според него, со овој пакет ЕУ не сака војна, туку мир, но за да обезбеди мир, таа мора да биде подготвена за војна. 

Со Предлог-регулативата се предвидува воведување на хармонизирани правила на ниво на ЕУ за воена мобилност и поставување јасни правила и процедури за прекугранични воени движења, создавање на нов Европски систем за подобрен одговор за воената мобилност (ЕМЕРС), надградување на клучните транспортни коридори и заштита на стратешката инфраструктура, како и формирање на Група за транспорт за воена мобилност и зајакнување на Комитетот на Трансевропската транспортна мрежа ТЕН-Т. 

Патокззот за трансформација на одбранбената индустрија, пак, предвидува обезбедување иновации за одбранбената подготвеност и забрзување на модернизацијата на европската одбранбена индустрија, со цел поттикнување на употреба на напредни технологии во воените капацитети и зголемување на европските производствени капацитети. 

- Руската воена агресија на Украина покажа колку брзо се развиваат одбранбените технологии. Иновациите, како што се вештачката интелигенција, квантните системи, дроновите и вселенските технологии го преобликуваат бојното поле. Новите одбранбени актери, од стартапи до иновативни мали и средни претпријатија, го менуваат начинот на кој Европа развива и произведува воени капацитети. Европа мора да учи од искуството на Украина, да ја зајакне својата отпорност и да изгради нов одбранбен екосистем што ги обединува лидерите во индустријата, новите иноватори и технолошката заедница за побрзо и поефикасно испорачување капацитети, се наведува во образложението на Европската комисија на двата предлози. 

Во следната фаза, Европската комисија ќе ја презентира новата Регулатива за воена мобилност пред на Советот на ЕУ и Европскиот парламент и ќе им предложи нејзино усвојување согласно вообичаената законодавна процедура. 

Кога станува збор пак за Патоказот за одбранбената индустрија, Еврокомисијата веднаш ќе започне со негова реализација предлагајќи активности за трансформација на европскиот одбранбен индустриски екосистем и за негово проширување. 

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата