Како што јави дописникот на МИА од Брисел, со денешниот чин се формализира политичката одлука објавена на 20 мај годинава за укинување на санкциите, со цел поддршка на сирискиот народ во напорите за повторно обединување и изградба на нова, инклузивна, плуралистичка и мирна Сирија.
Во ток контекст, Советот донесе одлука и за отстранување на 24 субјекти од списокот на ЕУ на санкционирани физички и правни лица од Сирија. Меѓу нив се неколку банки, вклучително и Централната банка на Сирија, компании кои работат во секторите за производството и рафинирање на нафта и за преработка на памук, телекомуникациски оператори и медиуми.
Според високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас, ваквата одлука е едноставната вистинска работа што треба да се направи во ова историско време, со цел ЕУ искрено да ги поддржи закрепнувањето на Сирија и политичката транзиција на земјата согласно аспирациите на сите Сиријци.
- ЕУ стоеше покрај сирискиот народ во текот на последните 14 години и ќе продолжи да го прави тоа и во иднина. Денес ЕУ ја потврди својата посветеност како партнер за транзицијата, која што му помага на сирискиот народ да се обедини и да изгради нова, инклузивна и мирна Сирија, посочи Калас.
Дополнително, Советот до 1 јуни 2026 година го продолжи режимот на санкции кон поединци и субјекти поврзани со режимот на поранешниот сириски претседател Башар Асад.
- Советот ќе продолжи да ги следи случувањата на терен и е подготвен да воведе дополнителни рестриктивни мерки против прекршителите на човековите права и оние што ја поттикнуваат нестабилноста во Сирија, се додава во соопштението на Советот на ЕУ.