Демократите подготвуваат различни форми на протест на обраќањето на Трамп пред Конгресот

4.03.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Демократите подготвуваат различни форми на протест на обраќањето на Трамп пред Конгресот

Тие не исклучуваат можност и за директно попречување на обраќањето на Трамп, пренесува порталот Аксиос.

Демократите не се обединети за начинот на протест. Демократските лидери, Чак Шумер и Хаким Џефрис ги повикаа своите колеги да дојдат со гости, незадоволни гласачи кои останале без државна работа, други пак ќе носат транспаренти со слогани против политиката на администрацијата и со анти-Трамп и анти-ДОГЕ натписи, трети се спремаат да носат со нив јајца или влошки од јајца како протест за високите цени на овие производи. Некои пак, најавија бојкот.

Некои членови на Конгресот им соопштиле на своите колеги дека ќе присуствуваат, но дека демонстративно би ја напуштиле салата ако Трамп даде одредени изјави што тие ги сметаат за неприфатливи. Се најавува и шумно попречување на говорот со трескалки и други реквизити.

Законодавците кои најавија бојкот се сенаторите Крис Марфи, Пати Мјуреј и Рон Вајден, и уште десетина демократски членови на Претставничкиот дом.

Трамп се обраќа денеска на заедничката седница на Сенатот и Претставничкиот дом.

Обично, американските шефови на држави ги користат овие годишни обраќања за да го претстават своето видување за состојбата во земјата, и да укажат на приоритетните насоки на внатрешната и надворешната политика на САД. Главниот дел од говорот, кој ќе се пренесува во живо на националните телевизии, како и на веб-страницата на Белата куќа, традиционално е посветен на економската ситуација во земјата, но Трамп најверојатно ќе зборува и за неговите напори за ставање крај на војната во Украина. /МИА

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата