Британскиот застапник во Европскиот парламет и поранешен лидер на популистичката партија „ Reform UK “ во Велс беше осуден денес на повеќе од 10 години затвор откако призна дека примил околу 40.000 фунти (околу 45.000 евра) мито за да држи проруски говори.
Натан Гил се изјасни за виновен во септември по осум точки од обвинението за мито што го примил од проруски украински политичари помеѓу декември 2018 и јули 2019 година.
„Reform UK“, која моментално ужива силно водство на изборните анкети, изјави дека неговите постапки се „за осуда, предавнички и неоправдани“.
Владејачката Лабуристичка партија го повика лидерот на „ Reform UK “, Најџел Фараж, да поведе истрага за да утврди дали имало други проруски врски во партијата.
Подготвени проруски изјави
Обвинителите рекоа дека Гил бил запрен на пат кон Русија во 2021 година и дека полицијата пронашла докази на неговиот мобилен телефон дека тој примил пари во замена за медиумски настапи, проруски говори и предлагање дебати во Европскиот парламент.
Поранешниот украински политичар Олег Волошин му обезбедувал текстуални пораки и пари за јавни настапи, а средствата биле обезбедени од проруски бизнисмени и Виктор Медведчук, поранешен украински парламентарец и олигарх близок до Путин.
Волошин, кој беше санкциониран од САД, беше обвинет за велепредавство од Украина во 2023 година, додека Медведчук беше депортиран во Русија во 2022 година во замена за украински воени затвореници откако беше обвинет за велепредавство и финансирање тероризам.
52-годишниот Гил, исто така, регрутирал уште четири европратеници, од кои тројца се Британци и еден Германец, за да дадат интервјуа за телевизискиот канал „112 Украина“, во сопственост на соработник на Медведчук. Волошин ја опишал работата на Гил како „одлична“, беше кажано на лондонскиот суд Олд Бејли.
„Тој го компромитира интегритетот на Европскиот парламент“
Судијката Боби Чима-Граб му рече на Гил дека неговото однесување фундаментално го компромитира интегритетот на Европскиот парламент, „а особено во односите со Русија, постојано непријателска држава“.
Таа го осуди на вкупно 10 и пол години затвор.
Гил стана член на Партијата за независност на Велика Британија (UKIP) во ЕП во 2014 година и шеф на нејзиниот огранок во Велс во 2016 година. Тој ја напушти „UKIP“ во 2018 година, а една година подоцна се приклучи на партијата Брегзит, претходникот на „ Reform UK “.
Тој остана член на Европскиот парламент сè додека Велика Британија не ја напушти Европската унија во 2020 година.
„Драго ни е што правдата беше задоволена и целосно ја поздравуваме казната што ја доби Натан Гил“, рече портпарол на реформистите кои се дистанцираа од Гил.
Сепак, лабуристите тврдат дека „Reform UK“ мора да одговори на некои прашања.
„Време е Најџел Фараж да покаже дека повеќе не е задоволен со повторување на реториката на Кремљ и да ѝ покаже на јавноста дека Путин нема влијание во неговата партија“, рече високиот функционер на Министерството за одбрана, Ал Карнс.
Извор: Индекс.хр

