Папата Франциско, поглаварот на Римокатоличката црква, бил толку блиску до смртта во еден момент за време на неговото лекување од пневмонија во болница во Рим што неговиот тим лекари размислувал да го прекине лекувањето за да може да умре во мир, изјави денеска шефот на неговиот медицински тим Серџо Алфиери.
Според него, по респираторната криза на 28 февруари во која папата за малку ќе се задушел додека повраќал, постоел реален ризик да не преживее.
„Моравме да избереме дали да застанеме таму и „да го пуштиме“ или да продолжиме со сите можни лекови и терапии, со најголем ризик да ги оштетиме другите органи“, изјави за „Кориере дела сера“ Афилиери, доктор во болницата Гемели во Рим.
Алфиери рече дека на крајот одлучиле за второто.
„Со денови ризикувавме да ги оштетиме бубрезите и коскената срцевина на папата, но сепак продолживме со терапијата. Неговото тело добро реагираше, а инфекцијата стивна“, рече Алфиери, додавајќи дека Масимилијано Страпети, личниот лекар на Папата, му испратил порака во моментот на најголемата криза да не се откажува.
Кога го видел како излегува од собата на десеттиот кат од болницата облечен во бело, Алфиери рекол дека се чувствува како човекот пред него повторно да станал папа.
Папата Франциско (88) се врати во Ватикан во неделата откако беше во болница со пневмонија од 14 февруари. Лекарите му препорачаа да одмори уште два месеци за целосно да закрепне.