Антивладини протести на Филипини

16.11.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Антивладини протести на Филипини

Изминатите месеци, откако беше обелоденета корупциската афера, разни групи организираа повеќе протести.

Владини инженери, службеници и раководители на градежни компании сведочеа под заклетва на сослушувањата во Сенатот и пред Комисијата за утврдување факти дека членовите на Конгресот и службениците во Одделот за јавни работи и автопатишта примале мито од градежни компании за да им помогнат да добијат профитабилни договори и да избегнат одговорност. Повеќето ги негираа обвинувањата.

Околу 650.000 членови на „Црквата Христова“ денеска се придружија на почетокот на тридневниот митинг во паркот Ризал во Манила, и покрај дождот. Многумина носеа бели кошули и транспаренти против корупцијата.

Околу 2.000 луѓе, вклучувајќи пензионирани генерали, одржаа посебен протест против корупцијата и денес кај споменикот „Народна моќ“ во предградието на Кезон Сити.

„Црквата Христова“ е влијателна религиозна група која гласа како блок и која политичките кандидати често се обидуваат да ја придобијат за време на изборите.

Полицијата, поддржана од војската, беше во целосна готовност и распореди илјадници војници за да ги обезбеди протестите во текот на викендот, кои поминаа мирно, рече министерот за внатрешни работи Џонвик Ремуља.

За време на антикорупцискиот протест одржан на 21 септември неколку стотина демонстранти се судрија со полицијата пред претседателската палата во Манила, при што беа повредени над 100 полицајци, а против 97 демонстранти поднесени се кривични пријави.

Контролата на поплавите е особено чувствително прашање за Филипини, една од најизложените азиски држави на смртоносни тајфуни, поплави и екстремни временски услови. Во текот на месецот, Филипини беа погодени од два тајфуна, при што загинаа 259 луѓе. главно во ненадејни поплави и лизгање на земјиштето.

Претседателот на Филипини, Фердинанд Маркос Помладиот се обидува да го стиши јавниот гнев и уличните протести и најави дека сенаторите, конгресмените и бизнисмените вмешани во скандалот „ќе бидат во затвор до Божиќ“.

Тој наведе и дека веќе се поднесени кривични пријави против 37 осомничени за поткуп, корупција и грабеж на државни средства. Кривични пријави се поднесени и против 86 директори на градежни компании и девет државни службеници за наводно даночно затајување во висина од 152 милиони долари.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата