Филмот пристигна во кината на почетокот на месецот, речиси две децении по оригиналот, а веќе за време на првиот викенд од прикажувањето постигна голем успех на бокс офисот.
Во продолжението, кое повторно ја носи приказната од светот на високата мода и американскиот Вог, Мерил Стрип се врати во улогата на Миранда Пристли, строгата и бескомпромисна уредничка на списанието Runway, за која многумина веруваат дека била инспирирана од Ана Винтур.
Ен Хатавеј и Емили Блант повторно ги играат нејзините поранешни асистентки, кои во меѓувреме изградија успешни кариери. Бидејќи филмот заработи дури 259 милиони долари глобално за време на викендот на премиерата, јасно е дека станува збор за огромен комерцијален успех, и за студиото и за главните ѕвезди на филмот.
Сите три актерки добија ист хонорар
Според „Варајати“, на Мерил Стрип ѝ беа понудени 12,5 милиони долари за да се врати во улогата на Миранда Пристли. Но, наводно, актерката инсистирала нејзините колешки да бидат платени исто како неа.
Поради ова, сите три актерки потпишале договор со таканаречена клаузула за „најповластен корисник“. Во филмската индустрија, ова значи дека сите клучни актери во еден проект имаат исти хонорари и бенефиции. Така, и Ен Хатавеј и Емили Блант заработиле по 12,5 милиони долари, пред бонусите.
Извор близок до продукцијата, исто така, открил дека сите три актерки ќе добијат дополнителни бонуси во зависност од конечната заработка на филмот, што значи дека нивната вкупна заработка би можела да биде значително поголема.
Критичарите беа поделени во врска со продолжението
Повеќе од една недела по премиерата на 1 мај, „Ѓаволот носи Прада 2“ има 78 проценти позитивна оценка од критиките на Rotten Tomatoes.
Реакциите на критичарите досега се поделени. Empire го пофали сценариото за тоа што им дава на ликовите „свежа приказна наместо да се потпира на формулите на оригиналот“, додека The Guardian го опиша филмот како „забавен и жив“.
Од друга страна, не сите беа подеднакво ентузијастични. „Лондон Ивнинг Стандард“ во својата рецензија напиша дека на продолжението „и недостасува духовитоста и гламурот што го обележаа оригиналниот филм“.

