Овде и сега

Лице и опачина

4.12.2019
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Лице и опачина

Евидентно е дека секоја индивидуа поаѓа од сопствените етички и морални постулати кога носи заклучоци и одлуки во поглед на надворешните случувања. Искуството и стекнатите знаења се исто така неоспорен фактор кој влијае на тоа дали секој еден од нас ќе создаде правилен впечаток за настаните или ќе западне во грешка.

Поаѓајќи од тој неоспорен факт, а секако и придржувајќи се на начелото дека карактерот се гради до седум годишна возраст, додека се друго понатаму е учење, искуства и околности, јасно е зошто и како се случуваат многу работи кои влијаат на севкупниот начин на живеење во Република Македонија.

Без оглед на тоа, дали некој ќе се најде погоден или пак можеби не секој ќе го разбере ова во својата комплетна смисла, редно е да се направи еден генерален преглед и да се укаже на аномалиите кои влијаат долго време да дојдеме на овој стадиум на тотално распаѓање на вредносните системи кои навлегоа во сите спони на општественото и на државното битисување. Основната грешка која ја дозволивме како граѓани се состои во нереагирањето на криминалните однесувања на нашите јавни претставници и тоа во еден сериозен континуитет од триесет години.

Пред наши очи се разграбуваше државниот имот, граѓаните ги губеа своите работни места, анонимуси со сомнителни биографии стануваа преку ноќ тајкуни и креатори на јавни политики, а државата запаѓаше во се поголеми долгови и се поголем беше јазот помеѓу народот и вештачки создадените елити. Оние кои требаа да ги бранат македонските линии, станаа сервис на странските служби, кои со текот на времето, учествувајќи во девалвацијата на системот, најдрско своите цели започнаа да ги остваруваат со смс пораки, а достоинството на државните привилегии го сведоа на парализирана совест и сервилност кон „високите наратори“.

Во една тотална жабокречина, каде поранешните служители на УДБА, станаа протагонисти на македонизмот, додека систематски се кршеше кичмата на слободоумните и на длабоко мислечките индивидуи, се случи колапсот на севкупниот систем кој го оневозможи развитокот на здравите кадри, кои се најдоа помеѓу чеканот и наковалната во големата мешаница наречена хипокризија на кадарноста. Во сето тоа, огромен удел земаа и самопрогласените естрадни патриоти кои на картата на македонизмот направија сериозни добитоци на личните конта.

Во таа смисла, секоја една реформа, неопходно е да започне со јавно прозивање токму на овие шарлатани, кои удобно се разместија во една шаренолика низа на позиции и од таму ги зрачат своите навидум големи патриотски пораки, кои во суштина се толку прозрачни и плитки, што секако ја навредуваат интелигенцијата на секој еден кој умее да го разбере метатекстот на упатената метафора. Како ги препознаваме, би рекла мошне лесно, облечени се со стерилност, со лажна скромност, во погледот кријат сериозни деформации на карактерот (зависност од тревки, алкохол, сексуални фрустрации, коцкарски долгови, фрустрации од ниска вредност...).

Од спротива стои една цела плејада на интелектуални проститутки, кои својот интелект го продаваат месечно за не повеќе од илјада и нешто евра. Истиве се тотално неми во ситуација кога се случува разоткривање на милениумската афера наречена „Рекет“, а во процесот на демонтирањето на уставниот поредок беа тотално отсутни и резигнирани, како да станува збор за настан во некоја непозната и далечна земја, а не во сопствената татковина. Во лични разговори со поголемиот дел од овие лица, епилогот завршува со констатацијата дека всушност тие не припаѓаат на Македонија, туку се со друго потекло, ама ете судбината определила тука да „заглават“ и од таа причина не им е битно како ќе се нарекува нашата држава, ниту пак дали е нелегитимна актуелнава власт, се разбира се додека ним им капнува на сметките по некое хонорарче, се друго за нив е релативно.

Ги има и оние „покултурните“, кои се оправдуваат со Брисел, дека ете од таму произлегува нивниот опуртунизам, дека ние никогаш не сме можеле сами и така натаму и така наваму. Со овие, некако под рака се шетаат разно разните некогашни големи глави од десницата, кои со истата леснотија со која ја исполнуваа беспоговор волјата на лидершипот, без ронка срам, ги гледаме денес како толку агилно ги исполнуваат задачите кои им ги доделуваат на Бихачка.

И се разбира, доаѓаме и до оние, кои без ронка срам тврдат дека се е изгубено и дека е залудна секоја битка за враќање на националното и на државното достоинство. И тука сум најсигурна, посигурна од било што друго дека сето ова е само уште една потврда, зошто е неопходна економската лустрација и зошто погоре опишаните ќе сторат се да го попречат истото.

Во ситуација кога се е сосема предвидливо и кога е јасно дека системот на лаги и малверзации полека, но сигурно почнува да се распаѓа самиот од себе си, станува јасно дека злосторничкото здружение на странски платеници, платени внатрешни пропагандисти и сервилни послушници, многу скоро ќе бидат соочени со судот на народниот глас, кој недвосмислено ќе ги испрати овие безрбетници пред судот на правдата.

Денеска сме соочени со најголемото сведоштво за хипокризијата на институционалниот дефетизам, а истото го гледаме не само преку режимскиот Уставен суд, туку и преку хистеричните патриотски инкасатори, како и преку молкот на фелата која по сопствено убедување знае, но не умее достатно да се оправда и да се измие од срамот за сопствениот морален пораз, кој несомнено влијае дополнително на нивните фрустрации кои ги исполуваат на нај перфиден и најнесоодветен начин. Лицето и опачината на прозваните се јавни, време за нивно комплетно демаскирање.

Иванка Василевска, Универзитетски професор (4 декември 2019) 

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата