Гутиерес: Европа веќе не е безбедна средина за новинарите

8.11.2019
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Гутиерес: Европа веќе не е безбедна средина за новинарите

Европа повеќе не е „рај“ и безбедна средина за новинарите, изјави генералниот секретар на Европската федерација на новинари, Рикардо Гутиерес, на Светскиот форум за демократија во Стразбур.

„Во Европа во последните пет години се убиени 24 новинари, 13 се убиени на територија на Европската Унија“, рече Гутиерес во дебатата на тема „Слобода на говорот и заштита на новинарите“. Тој додаде дека голем број новинари во моментот се наоѓаат во затвори и дека Турција стана најголем „затвор“ за новинарите во Европа.

Според него, лошите услови довеле до зголемување на самоцензурата кај новинарите.

„Граѓаните ги доживуваат новинарите како чувари на демократијата, но овие чувари се чини дека ги загубија забите… Јас сум многу загрижен“, рече Гутиерес.

Тој оцени дека новинарството не е исто како што било пред 20 или 30 години. Како што наведе, медиумите се одговорни за содржината што ја објавуваат, за разлика од новинарството на социјалните мрежи.

Форумот под наслов „Дали демократијата е загрозена во времето на информациите“ се одржува од 6 до 8 ноември под покровителство на Советот на Европа.
На форумот присуствуваат претставници на медиумите, активисти и политички лидери од целиот свет.

Светскиот форум за демократија во Стразбур е единствена платформа за носителите на одлуки и активисти кои имаат можност да разговараат за клучните предизвици за демократиите ширум светот. Ова е осми по ред форум.

извор: Makfax

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата