Понеделнички

Наркократија

19.05.2019
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Наркократија

Ајде да одиме по ред, по редослед на важност. Најважен во државата е, секако, претседателот. Стево Пендаровски доби тапија и сега му се гарантирани пет години чалам, амбасадори на лагер, јака плата, живот на Водно со приходи, а без трошоци. Нешто што сонувал од мал, уште кога почнал со својата долгогодишна кариера во полицијата.

 

Стево Пендаровски тргна со фразата за помирување, но прво што направи не беше помирување, туку враќање долгови кон машината која му обезбедила функција и придонес кон понатамошните поделби и бришење на Македонците од мапата на нациите.

 

Првиот јавен настап му беше на Алсат, албанска телевизија во Македонија, иако во оваа држава Македонците се државотворен народ, а државата се уште има јавен сервис и работа на дигнитет и државничко однесување е првите настапи на нов претседател, или премиер, да бидат на јавен сервис. Но, Пендаровски дали морал или стварно морал, тргна да се оддолжува на менаџерите на изборниот инженеринг. На ДУИ и албанското подземје од Чаир и Арчиново. Не сме наивни, тие беа клуч на неговата победа.

 

Пендаровски е несигурен, без самодоверба, и верувам не се дожувава себеси како заслужен претседател. Барем засега. Првите денови ги помина во плукање на претходникот Ѓорѓи Иванов што покажува дека се уште се плаши од неговиот авторитет и се гледа себеси во неговата сенка. Како што Стево, заедно со Заев, половина изборна кампања плукаа по Груевски кој веќе втора година не се занимава со политика. Што би рекле моите охриѓани, му го имаат земено стравот. И го имаат се уште.

 

И со право. Заев работи во зграда изградена од Груевски, се вози со блиндираниот Мерцедес на Груевски по нови булевари изградени од него. Ако помисли да оди во театар пак таму го чека сенката на Груевски, па затоа и не оди. Неговите политички противници ги судат во новиот суд изграден од владата на Груевски... И да не редам, мора да е мачно да живееш во таа сенка. Пред се затоа што години поминаа, а нема ништо изградено од твоја рака. Дури и детено што се појави во име на МРТВ да гласа за Евровизија се сликаше пред објект на Груевски, нема други кои би ја покажале Македонија во европски амбиент.

 

Е, и Пендаровски се зарази со таа параноја и чувство на сопствена помала вредност, па ничим изазван секоја втора изјава му е плукање по Ѓорѓи Иванов. Небаре заедно живеат на Водно па сака да го избрка од свој терен. Да го потсетиме, Иванов си замина сам.

 

И замина, согласно закон, во канцеларија што му ја плаќа државата, 1.900 евра месечно за кирија. И, како по наредба, соросоидите рипнаа дека тоа е недозволиво! Треба да се смени законот и да му се одземат сите права на Ѓорѓи Иванов... Како да не знаеа дека нивниот Бранко Црвенковски има исти права, и тоа со канцеларија која се плаќа 3.000 евра месечно.

 

Па штом јавноста се потсети колку Црвенковски ја чини државата, ете ти го Бранко по толку години повторно политички активен во јавноста. Во неговиот пензионерски кабинет се сликаше со премиерот Заев. Као нешто работеле. А суштината е следна: прво да покаже дека за парите што се уште ги троши од државата божем нешто работи. А можел и да му пренесе искуство на Заев од неговото време кога во една слична криза на неговата влада со милионските кражби во штедилницата ТАТ тој, како и Заев сега, храбро најави чистка и метла во власта нарекувајќи го тоа борба против октоподот. Крајот го знаеме.

 

Пендаровски веќе доби прекар од Твитер заедницата, првата буква е Ш... што е скопски жаргон, и ако сака да ја смени перцепцијата Стево мора да размисли како и што понатаму. А дека брзо ќе го гради авторитетот – тешко. Радмила Шекеринска, која отвори фронт кон Заев, му се здаде и на Пендаровски со изјавата дека ако сакала таа ќе била претседател.

 

Во оваа недела без дерман, го видовме министерот за земјоделие Љупчо Николовски како гордо се слика со старлетата Љупка Митрева од Струмица, или како што таа се нарекува себеси со смешно и недефинирано занимање -  “модна блогерка“, на службен пат. Работата очигледно излегува од контрола, тоталната моќ на СДСМ тие ја доживуваат дека навистина можат да прават што сакаат, а никој ниту смее ниту може да ги спречи во тоа.

 

И не е само тој министер. Ременска запнала со својот тотален и тоталитарен ум дека по секоја цена нејзиниот сопруг треба да биде директор на новата полициска институција. Тоа што не знае ниту еден странски јазик, пред се англиски кој е услов за комуникација со странските служби, за неа не е важно. Има да биде, па макар чекале до крај на мандатот.

 

Министерот за финансии, социјалдемократот Тевдовски како заложник на соросоидите, мораше да ја постави активистката Шасиме Касами, забулена жена со нападни исламски верски симболи, за раководител на управата за имотно правни односи! Веројатно во Финансиии се применува шеријатското право при денационализација и слични проблеми на таа управа. Со шамиите и верските симболи ние ќе одиме во Берлин, Париз... Во Европа. За баланс, Тевдовски треба сега две монахињи во мантии да постави за директорки на УЈП и на Царина. Тоа е баш социјалдемократски и европски модел.

 

Господине Тевдовски, не знам дали воопшто ќе влеземе во Европската унија бидејќи тоа не го знае ни францускиот амбасадор Тимоние но, дозволете барем да влеземе до 21 век.

 

Македонија е дефинитивно во шизо фаза. Дали шефовите ни се опиени од Северна, или од тоталитарната власт, засега не е јасно. Но, јасно е дека некои од нив се дрогирани. Пратеникот и предводникот на шарената револуција Павле Богоевски, на пример. И стручни лица, помеѓу останатите, му понудија да изврши анализа во МАНУ со која би демантирал дека е наркоман, но тој не го прифати тоа. Така да се е јасно и употребливо.

 

Како што е јасно дека останува сомневањето: најмалку во два клучни случаи за витални интереси на државата решавале пратеници, политичари, под дејство на дроги. Првата е избор на Талат Џафери за претседател на собрание, што потоа произведе и влада. Вториот клучен момент е промена на името на државата и бришење на идентитетот со минимум потребни 80 гласови. Без Павле Богоевски овие две важни работи не би поминале.

 

Кога сме кај тој случај јасно е и што Павле нарачувал. Тврдам дека не е сниман од таксист, што може да го види секој бидејќи снимениот глас е јасен и чист, без шумови од дистанца. Некој го снимал директно од телефон. И, главното прашање: кој му ја продава дрогата?  Тоа никој не го праша деновиве, веројатно од страв од дилерите кои учествуваа на изборите.

 

Овие настани остануваат запишани, и секако ќе бидат употребувани како факти во иднина.

 

А Павле? Тој е сидрото што ја потона шарената револуција и авторитетот на власта. Ако даде оставка, ќе стави точка на констатацијата за наркократија и наркоманска шарена револуција. Ако не даде, ќе им биде постојано пред очи на јавноста и опозицијата да ги потсеќа постојано на себе и белото.

 

Како што гледате, имаме власт со баханалии, старлети и шмркање бело, како во Берлин пред капитулацијата. На заминување. Кој ќе замине последен нека го изгасне светлото.

 

(20.05.2019)

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата