Прв пораз за Вардар во ЛШ, Монпеље со цел плен од Скопје (ФОТО)

13.10.2021
Vesnik.com
Прв пораз за Вардар во ЛШ, Монпеље со цел плен од Скопје (ФОТО)

Вардар 1961 го запиша првиот пораз оваа сезона. Серијата на Веселин Вујовиќ и неговите момци ја прекина Монпеље, во СЦ „Јане Сандански“ славеше со 25-31 (11-15) во рамките на 4. коло во Лигата на шампионите.

Гостите добро го анализираа двократниот освојувач на европската титула, бековите беа добро затворени. Монпеље лесно и по вторпат дојде до целиот плен во Скопје.

Дибиров постигна седум гола од десет обиди, додека Тото шест од осум, Ристовски имаше седум интервенции.

Ја немаше онаа игра од претходно, иако „црвено-црните“ настапија во најсилен состав за првпат сезонава, сепак немаа свој ден. Монпеље одигра многу подобро во одбраната, ја казнуваше речиси секоја грешка на Вардар, потврди на дело дека навистина е непредвидлив, но и квалитетен.

Ракометарите на македонскиот првак не отворија како што посакуваа. Цврстината во одбраната која го „красеше“ Вардар 1961 во изминатите мечеви, речиси ја немаше. Борко Ристовски, кој влезе на местото на Мартин Томовски, се обидуваше да го разбуди својот тим, но тешко одеше. Монпеље од стартот го имаше водството, поведе со 0-2, а потоа дојде до предност од три гола 4-7 во 13. минута, а потоа и 5-8. Избраниците на Веселин Вујовиќ, кој двапати повика тајм-аут, дојдоа на 7-8, но не успеа да направи пресврт. На одморот гостите имаа позитива од 11-15.

Монпеље продолжи во ист ритам, на почетокот на второто полувреме зголеми на 11-16, беше 13-18 и 16-21. Вардар 1961 влезе во криза, беше четири минути без погодок, Дибиров не успеа да реализира седмерец, па францускиот тим поведе со највисоки 17-23 во 44. минута.

Токму по оваа негатива, со головите на Дибиров и Кудуз, и првата одбрана на Томовски, Вардар намали на 19-23, пропушти шанса да се доближи на минус три. На другата страна, францускиот тим пак поентираше лесно на празна мрежа, на осум минути до крајот се искачи на 20-28.

Немаше простор за кам-бек, Монпеље не дозволи да испушти голема победа во Скопје. По овој дуел Вардар падна на петото место на табелата, има пет бода токму колку и фрнацускиот тим и Пик Сегед, кој има меч помалку.

Во следното коло, Вујовиќ и неговите момци се гости на Алборг, дуелот се игра на 19. овој месец.

1 од 8

sportmedia.mk

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата