Ние не сме тие кои не успеавме, туку ЕУ која повторно потфрли и не го одржа ветувањето, изјави премиерот на Албанија, Еди Рама, на панел на првиот Економски форум во Скопје на кој учествува и премиерот Зоран Заев.

Коментирајќи го неуспехот на ЕУ да испорача преговори за Скопје и Тирана поради бугарското вето, Рама изјави дека што и да се случува во Брисел, мора да продолжи порастот на економијата, зголемувањето на благосостојбата, но и гордоста и силата на достоинството на народите во регионот.

„Европската унија може да одреди задачи за интеграцијата, може да одреди рокови за овие задачи, може да одреди датуми. Но, ЕУ не може да ја одреди ниту нашата местоположба среде Европа, ниту нашата култура и нашиот европски идентитет, ниту иднината на нашите народи како европски народи во европското семејство, во европски држави, со политички, институционални, економски европски стандарди“, изјави Рама.

Рече дека вчера во Брисел не се случило ништо друго, освен тоа што ЕУ потфрлила повторно да го одржи ветувањето, да остане посветена на аганжманот и да биде на вистинскиот став.

Нагласи дека регионалната соработка ќе продолжи со сите сили и со сите држави од Западен Балкан кои се подготвени да се туркаат напред безрезервно, затоа што овој регион е опкружен со границите на ЕУ и, ако ние не можеме да го смениме начинот на кој функционира ЕУ во однос кон нас, ние треба следствено да го менуваме начинот на нашето функционирање едни кон други.

„Топењето на границите меѓу нас е за да го претвори нашиот регион во простор на целосна имплементација на четирите слободи на ЕУ: слобода на движење на луѓе, слобода на движење на стоки, слобода на движење на услуги и капитал. Тоа ќе продолжи без да сопре, бидејќи ние сме премногу мали да имаме силни економии останувајќи одвоени едни од други, а инаку, ние сме доволно големи ако едни со други го претвориме регионот во еден заеднички економски простор“, додаде Рама.

makfax.com.mk