Скопје имало и плажи, и тоа НУДИСТИЧКИ

06.06.2021
Скопје имало и плажи, и тоа НУДИСТИЧКИ

Првата вистинска нудистичка плажа во Скопје постоела уште пред војната, во 1932 година.

Таа година било основано првото нудистичко друштво во градот. Уште поинтересно е што во ова скопско нудистичко друштво членувале исклучиво – жени! И тоа од угледни граѓански семејства. Друштвото имало и своја претседателка. Тоа била познатата скопјанка госпоѓа Ташана, со прекар Шана. Според пишаните извори и сеќавањата, членовите на оваа нудистичка група со пајтони оделе до Катлановска Бања и таму уживале на дивите плажи на реката Пчиња. Тоа била првата нудистичка плажа. Но тие ги користеле и пустите плажи на реките Вардар и Треска. Избирале специјални места каде што не можеле да бидат видени.

Во записите понатаму се вели: “Нема податоци за постоење на друштво на нудисти мажи, освен поединечни случаи на неколкумина руски емигранти”.

Руска плажа, како го добила името, воедно и можда првиот нудист

Според кажувањата и малиот број записи, рускиот емигрант Иван, белогардеец, прв се капел на ова место покрај Вардар и според него таа е наречена Руска плажа. И не само тоа. Местото не само што било исклучително погодно за плажа туку диво и осамено.

На тој начин, Иван бил своевиден Робинзон Крусо на Вардар. Во природата на човекот е да се капе гол на вакви пусти и диви места, што, најверојатно, го правел и рускиот емигрант. Тој, најверојатно, е еден од првите нудисти кој не сакал да биде тоа, но околностите му оделе од рака да влезе во историјата на скопските плажи. Тука, на тоа место, скопскиот Робинзон имал и мала куќичка.

До неа оформил бавча од страната на паркот, а поседувал и пумпа за вода. Постепено започнал да одгледува живина и да чува свињи, бидејќи немало никој во близина. Имало дебели сенки во изобилство, реката била мирна и, како што подоцна забележале хроничарите, плажата станала омилено место за младите од Дебар маало, Буњаковец и Железничката Колонија. До неа доаѓале пеш или со велосипеди преку насипот.

Но, постои и еден друг запис, првите нудисти во триесетите години

Во триесеттите години во Скопје се случил еден скандал, кој индиректно бил поврзан со нудистите, а за кој зборувал целиот град. Поточно, скандалот се случил на плажата во Ханриево, денешното Ѓорче Петров. Плажата во Ѓорче Петров се наоѓала во близината на Арифбеговиот јаз, и оттаму, низводно, започнувале другите познати плажи. Местото било многу посетено од капачи, доаѓале млади дами и момчиња со своите друштва, но и цели семејства со децата. Што, всушност, се случило на плажата?

Еден млад човек, пред очите на сите присутни, се соблекол гол, и во познатиот нудистички стил, се капел и се сончал како да е сосема сам! Присутните биле вџашени од глетката. Особено, што младиот човек не бил кој било, туку лекар по професија. Него го придружувал еден пријател, кој исто така учествувал во нудистичката сеанса. Двајцата, угол голи, се капеле во Вардар, а потоа се сончале на плажата, заедно со другите изненадени капачи.

Што пишувале тогашните весници за случкава?

Младиот лекар-интелектуалец, веројатно сето тоа го смислил за да искаже некој свој интимен револт. Можеби се замислувал во улогата на „гол филозоф“, но таа негова филозофија не поминала толку лесно.

Сето тоа се сметало за повреда на јавниот морал, започнале озборувањата, а ниту печатот не можел едноставно да помине преку тој скандал. Се појавиле написи во кои се велело дека капењето и сончањето во костимот на Адам, сепак е премногу: „Покрај сите непријатности, кои илјадници капачи на Вардар ги имаат секојдневно, се јави за нив уште една нова непријатност, една нова напаст во Ханриево, (Ѓорче Петров) каде што секојдневно се капат голем број дами. Напаста се јави во личноста на еден млад лекар и неговиот пријател.

Тие, без оглед на присуството на дамите и на децата, се капат и се сончаат во костимот на Адам“. Значи, сосема голи. Критичарите на овој гест нашле допирни точки со нудизмот: „Ние знаеме дека во светот има поддржувачи на голотијата на т.н. нудисти, но, го знаеме и тоа дека сите тие имаат свои клубови со оградени терени каде што се капат и се сончаат, не вознемирувајќи ги противниците на оваа идеја“.

Плажи во Скопје пред и после земјотресот

По земјотресот, кога реката Вардар беше загадена, приматот за најдобри и најчисти го презедоа плажите на реката Треска. Од браната на Матка, па се до вливот на Треска во Вардар кај Сарај.

А, се започнало од плажата на кривината, каде што граѓаните доаѓаа да се капат, но и да си ги измијат автомобилите, тука, во дивината. Оттука натаму, се до утоката, имало безброј мали плажи кои биле ретки и необични, бидејќи свежината доаѓала од бавчите, но и од длабоките вирови што ги имало во реката Треска.

Во еден хроничарски запис за дивите и помалку познати плажи, се вели: “Постоеле многу други диви плажи под Железниот мост кај Сарај, потоа во Ѓорче Петров, детската плажа Чичино Село, плажата кај месноста Стени или Бел Бунар (Долно Нерези – плажа на водњанци), потоа две плажи кај денешната населба Влае, Тана Љубосављевиќ, Ученичката (Ѓачка) плажа, Шабан-пашината плажа, плажите во Драчево, Зелениково, Идризово, Катланово”.

Пред војната, несомнено, треба да се спомене плажата Лебед, која се наоѓала во близината на денешниот Луна-парк. Плажата имала кабини, две кугларници, а можеле да се изнајмат и чунови. Прв пат бил назначен и специјален чувар на плажата.

По војната, најпозната е Градската плажа, со дрвени платоа за сончање и многу подобности карактеристични за една современа плажа. Постоеле кафеана и кајакарски клуб со долга и славна традиција, кој се иселил од тие простории. Темата за која помалку е пишувано, а е поврзана со плажите на Вардар, е за познатите скокачи во реката, од Камениот мост и од Железничкиот мост во Маџир маало. Куриозна е и приказната за жената-скокач од Железничкиот мост, за чии скокови раскажуваше цело Скопје.

Едно време постоела и Уредба од властите на град Скопје со која се регулирало бањањето у Вардар.

Местата на реката каде што скопските граѓани можеле да се капат биле одредени со наредба од управата на градот. Бањањето било дозволено на просторот од мелницата на Јусуф Морина до електричната централа и водоводот на десната страна, а од мелницата на Јусуф Морина до Железничкиот мост, бањањето било забрането. На одредени места можеле да се бањаат деца на возраст од 15 години облечени во костими, додека за деца под 15 години бањањето било забрането. Родителите чии деца биле фатени на плажата, биле казнувани со одредена казна. Посетата на плажите на реката Вардар, освен како потреба и навика, претставувало мода и начин на живот на скопските граѓани. Во летниот период, просторот од плажата кај аеродромот, па с до Ханриевиот железен мост, бил преполн со капачи

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата