Skip to main content
x

5 Mar 2021 - 2:01
redakcija
Статија

Фудбалскиот клуб и спортското друштво Работнички е една од најголемите дебармаалски и скопски легенди, чија слава трае се до денес.

Колку многу страст, навивање и љубов се искажани кон овој клуб, кој оставил неизбришливи траги во спортскиот живот во Скопје, пред, во НОБ и по Втората светска војна.

Бидејќи тој ќe стане подоцна железничко спортско друштво Работнички, деновиве (2019 г.) пред Нова година, се одбележува јубилејот на ЖСД Работнички, под карактеристичен наслов „80+ години од формирањето на спортското друштво Работнички“.

Всушнoст и при самото формирање на клубот пред војната, тоа е именувано како „спортско друштво“ што е едно пошироко ангажирање на младите во спортот.

Насловот на јубилејот е симболичен, бидејќи клубот и спортското друштво се формирани 1937 г., а оттогаш се поминати повеќе од осумдесет години. Сево ова зборува дека дебармаалскиот дух бил многу богат, така што се разгранувал во повеќе правци, од кои спортот заземал (и зазема) значајно место.

Од тој позитивен, колективен дебармаалски дух се развивале и други спортови и дејности. Според повеќето усни кажувања, записите и книгите, (текстовите на Славко Матовски, Ивко Панговски, Ристе Стефановски и други), во Дебар Маало, кое е формирано некаде по 1922/23 година, имало многу полјанки погодни за играње фудбал.

И денес, ако ги запрашате најстарите дебармаалци, ќе ви кажат дека постоеле големи простори засадени со зеленчук, а тие самите биле познати бавчанџии. На големиот број полјанки, кои се наоѓале меѓу бавчите, се играло со партал-топка или со гумени топки, а таа страст за играње фудбал оставила траен белег врз жителите од овој крај. Да не заборавиме дека во Дебар Маало постои споменик на фудбалската топка и на првиот натпревар од 1909 година. Таму постоеле и првите фудбалски игралишта на Граѓански и ССК.

Велат дека е тешко да се утврди кој прв ја пласирал идејата за формирање фудбалски клуб, но несомнен е фактот што големи заслуги за создавањето на клубот Раднички (првото име на Работнички) има легендарниот револуционер Дане Крапчев, кој и самиот бил жител на Дебар Маало.

Тој сметал дека е добро за револуционерното движење, младите да се вклучуваат и да организираат такви спортски друштва. Во 1935 и 1936 година биле формирани маалски екипи, како што велат хроничарите, под разни имиња: Јадран, Волга, Соко и др.

Пролетта во 1937 година веќе се правеле сериозни обиди да се формира фудбалскиот клуб, за кој се сметало дека ќе им биде сериозна конкуренција на постојните скопски клубови, и дека тој ќе има „најверна публика“, тоа било сигурно.


Играчи и симпатизери пред кафеаната „Нада“ во која е основан „Работнички“

А каде ќе се дискутира за фудбалот, ако не во кафеана. Покрај „Идадија“, постоеле уште две кафеани што се сметале за еден вид „општествени собиралишта“ на младите. Тоа биле кафеаните „Нада“, чиј сопственик бил Трајко Георгиевски-Ќорот, и кафеаната „Јавор“ на Радомир Вукиќевиќ.

Се смета дека во просториите на кафеаната (или крчма) „Нада“ е основан клубот Раднички. Но тоа основање не било толку едноставно. Властите будно бдееле што и како се работи и се формира во Дебар Маало. Предлогот клубот да се вика Раднички бил донесен на состанокот одржан во собата каде што живеел Дане Крапчев (кај семејството Саздови) и веднаш бил прифатен, бидејќи основачите потекнувале од работнички семејства.

А бојата на дресовите, каква требало да биде бојата на дресовите? И за тоа присутните биле едногласни – бојата требало да биде црвена!

Но за да биде регистриран клубот, постоеле повеќе надлежни органи што требало да дадат согласност. Првиот надлежен орган бил Министерството за физичко воспитување во Белград, а претходна согласност требало да се добие од управата на Вардарска бановина во Скопје, но и од Скопскиот фудбалски потсојуз. Под овој потсојуз спаѓал фудбалот што се играл во целата Вардарска бановина.

Изненадување било што надлежните го прифатиле името Раднички, но не ја прифатиле црвената боја за дресовите. Црната боја била одредена како боја за дресовите на клубот. Но дебармалци и тука покажале голема итрост.

Настапувале во дресови со темноцрвена, вишнова боја, која личела на црна.

Така, клубот го добил официјалното име „Спортски клуб Раднички – Скопље“. Седиштето на клубот било во Дебар Маало. Еден од хроничарите на клубот Работнички вака пластично го опишува основачкото собрание: „Основачкото собрание на клубот било одржано во втората половина на 1937 година… во кафеаната на Трајко Георгиевски-Ќорот, во една недела претпладне, а биле собрани во бавчата на кафеаната, во сенка под лозницата. Може да се заклучи дека тоа било во месец август или септември.

Биле присутни 30-40 лица, меѓу нив биле и играчите, а имало и некои видни граѓани, како и претставители од другите фудбалски клубови во градот“. Како основачи се воделе Александар Танев (претседател) и видните граѓани од Дебар Маало, Благоја Јовановски и Дамјан Жантев.

Просториите на кафеаната „Нада“ во еден период служеле како соблекувални. Од јули 1945 година тоа се именува како „Фискултурно синдикално друштво Работнички“. Ова е дел од богатата историја на спортското друштво Работнички, за која подоцна, посебна заслуга ќе има и Железницата кога тоа ќе се води (од 1949 година) како Железничко спортско друштво (ЖСД), кое имало и велосипедски, мечувалски, шаховски и други клубови и друштва со богати активности.

Данило Коцевски