Таткото од Скопје што пред 3 години ја силуваше својата ќерка е осуден на казна затвор во траење од 9 години, објави МКД.мк повикувајќи се на пресудата на Основниот кривичен суд Скопје, а според која 65-годишниот родител е осуден за родосквернавење.
Грозоморниот настан за кој доби казна затвор се случил на 9 ноември 2020 година, а жртва беше неговата тогаш 29-годишна ќерка.
„Во 2 часот по полноќ таткото ѝ се нафрлил на својата ќерка, насилно ѝ ги соблекол пижамите и џемперот и откако ја соблекол неа, ги соблекол и своите панталони и почнал сексуален однос со неа. Ќерката се противела и постојано го туркала, но не успеала да го оттргне. Таткото продолжил со сексуалниот однос со оштетената, ја фатил за коса и насилно ја терал орално да го задоволи.“
За време на кривичното дело родосквернавење, во пресудата стои дека таткото бил пијан и во состојба на битно намалена пресметливост. Пред судиите да ja донесат одлуката, тој ветил дека никогаш повеќе нема да го повтори делото, признал што сторил, кажал дека се кае и побарал да му дадат поблага казна.
Во неговото образложение кажал дека тој ден бил на гробот на својата сопруга, го чистел споменикот, па го преплавиле емоции, многу се насекирал, се вратил дома и почнал да пие. Се бранел дека испил многу, дека е семеен човек во зрели години, кој живее под кирија и се грижи за своите деца, ги прехранува и дека неговата ќерка по смртта на мајката доживеала голем стрес и се лекувала во здравствена установа.
Обвинителот во оваа постапка, Анел Фидоски, во завршниот збор имајќи го предвид фактот дека обвинетиот М.Г. го признал кривичното дело побарал од судот пред да донесе одлука да го земе предвид фактот што ова кривично дело е сторено спрема крвен сродник, односно ќерка.
Адвокатот на обвинетиот за родосквернавење од судиите барал на обвинетиот да му изречат најблага можна казна, односно да се искористи можноста да му биде изречена казна задолжително лекување во психијатриска установа, каде што ќе му била дадена стручна помош, која ќе му помогне да се оттргне од алкохолот и во иднина повеќе да внимава на своите постапки и да се грижи за своето семејство.
Но судијката Александра Ристеска при определувањето на видот и одмерувањето на висината на казната, ги имала предвид сите околности предвидени во членот 30 од Кривичниот законик што се од влијание и индивидуализација на казната.
Пресудата вели дека тоа кај жртвата предизвикало физичка болка и психичко страдање, а дека оштетената најавила отштетно побарување и се приклучила кон кривичен прогон спрема обвинетиот.
Така, судот на обвинетиот му изрече казна затвор во траење од 9 години, се вели во пресудата.