Во 2023 издадени 451.000 дозволи за престој во ЕУ на истражувачи и студенти од странство

8.05.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Во 2023 издадени 451.000 дозволи за престој во ЕУ на истражувачи и студенти од странство

Според овие податоци, најголем број вакви дозволи издала Германија и тоа околу 144.000, што претставува 32 отсто од нивниот вкупен број. По неа, следуваат Франција со 117.000 дозволи за истражувачи и студенти или 26 проценти и Шпанија со 55.000 или 12 отсто. 

Кога станува збор за земјите на потекло на овие истражувачи и студенти, лидерската позиција ја имаат државјаните на Индија со 50.000 дозволи или 11 проценти од нивниот вкупен број, пред Кина со 47.000 (10 отсто), Мароко со 22.000 (околу пет проценти) и САД со 21 000 (нешто под пет отсто). 

Според Евростат, во 2023 година биле издадени и околу 89.000 дозволи за работа и престој во ЕУ, познати како „сини карти“, на висококвалификувани работници од трети земји. 

Убедлив „шампион“ во оваа категорија е Германија со 69.000 или 78 отсто од вкупниот број издадени „сини карти“ на висококвалификувани работници. По неа следуваат Полска со 7.000 или осум проценти и Франција со 4.000 или четири отсто. 

Најголем дел од висококвалификуваните странски работници кои добиле „сини карти“ за престој и работа во ЕУ потекнуваат од Индија со 21.000 или 24 проценти, пред граѓаните на Русија со 9.000 (11 отсто), на Турција со 6.000 (седум проценти) и на Белорусија со 5.000 (шест отсто). 

Дополнително во 2023 година, членките на ЕУ издале и вкупно 10.800 дозволи за трансфер на странски државјани што работат во филијали на европски компании во трети земји во нивни оддели во државите од Унијата.  

Најмногу вакви дозволи издала Холандија и тоа 2.700, што претставува 25 отсто од нивниот вкупен број, пред Германија и Унгарија со по околу 1.900 или 18 проценти, Франција со 1.500 или 14 отсто и Шпанија со 1.100 или 10 проценти. 

Индијците се најбројни и во оваа категорија на странски државјани што добиле дозволи за трансфер во ЕУ со 3.900 или 36 отсто, пред граѓаните на Кина со 1.600 или 14 проценти и на Јужна Кореја со 1.300 или 12 отсто. 

Како што соопшти Евростат, овие податоци се објавени во рамки на одбележувањето на Месецот на различностите во ЕУ, што има за цел подигнување на свеста за важноста на различноста и инклузивноста на работните места и во европските општества. 

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата