УНЕСКО бара пристап до образование за авганистанските жени

15.08.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
УНЕСКО бара пристап до образование за авганистанските жени

-Во време кога некои се обидуваат да ги нормализираат односите со Талибанците, ја повикувам меѓународната заедница да остане помобилизирана од кога било за целосно и безусловно враќање на правото на образование на авганистанските жени, рече Одри Азулеј, генерална директорка на УНЕСКО.

Азулеј рече дека, откако ја презедоа власта во август 2021 година, Талибанците издадоа над 70 декрети со кои ги ограничуваат правата на девојките и жените, особено во образованието.

-Денес, Авганистан, за жал, се издвојува како единствената земја во светот каде што средното и високото образование е строго забрането за девојките и жените, продолжи генералната директорка на УНЕСКО.

Според УНЕСКО, околу 2,2 милиони млади жени се лишени од правото на образование во Авганистан по враќањето на Талибанците.

Азулај предупреди дека цела генерација авганистански жени е во опасност, и покрај значителните подобрувања во писменоста и посетувањето училиште во последните 20 години со поддршка на УНЕСКО.

-Цела генерација авганистански жени е жртвувана, рече таа.

Талибанците се вратија на власт во август 2021 година за време на хаотичното повлекување на меѓународните сили.

Под Талибанците, на жените им е забранет пристап до образование од седмо одделение па натаму. Во декември, исламистичкиот режим им забрани и на жените обука во медицинската област, иако некои училишта сè уште нудат часови за постари девојки, спротивно на наредбата.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата