Трамп за фотографијата на која е претставен како папа: Не им се допаѓа на фејк медиумите

6.05.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Трамп за фотографијата на која е претставен како папа: Не им се допаѓа на фејк медиумите

Американскиот претседател Доналд Трамп ја отфрли загриженоста дека фотографијата за него како следен папа, генерирана од вештачка интелигенција, е навредлива за католиците.

Контроверзната фотографија беше објавена на профилот на Трамп на социјалната мрежа Трут сошл во петокот. Не е познато дали ја објавил тој или некој од неговите соработници. Фотографијата  предизвика поделени реакции. Поранешниот италијански премиер Матео Ренци рече дека тоа е „фотографија што ги навредува верниците, ги навредува институциите и покажува дека лидерот на глобалната десница ужива да биде кловн“.

Тимоти Долан, надбискупот во Њујорк кого Трамп го препорача за папа минатата недела, и Католичката конференција на државата Њујорк, исто така, изразија незадоволство.

На прашањето за негативната реакција на католиците на фотографија, Трамп одговори: „Не помислувајте на католиците, помислете на медиумите за лажни вести... Католиците ја обожаваат (фотографијата)“.

Тој изјави дека не ја видел фотографијата, која исто така беше споделена на X преку официјалниот профил на Белата куќа, сè до неделата навечер. „Немам поим од каде дојде. Можеби е вештачка интелигенција. Но, не знам ништо за тоа. Ја видов дури синоќа. Всушност, на жена ми ѝ се чинеше слатко. Праша, нели е убаво?“ рече Трамп.

Откако минатата недела се пошегува дека би сакал да биде новиот папа, сега изјави дека таа позиција сепак не е во неговите планови. „Всушност, не би можел да се оженам. Колку што знам, папите не се големи обожаватели на венчавките, нели? Не, колку што знаеме, не се“, нагласи тој. 

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата