Членовите на персоналот кои ќе бидат присутни во Ватикан за време на конклавата положија заклетва за тајност во капелата Свети Павле, во Апостолската палата во Ватикан, објави денеска Ватикан Њуз.
Свештеници, лица задолжени за: безбедност, цивилна заштита, технички услуги и транспорт, хигиена, храна, како и лекари и медицински сестри, полковник и мајор од Папската швајцарска гарда за надзор во близина на Систинската капела, учествуваа денеска во церемонијата на положување заклетва.
„Ветувам и се колнам дека ќе почитувам апсолутна тајност со секој што не е дел од Колеџот на кардинали избирачи, засекогаш, освен ако не добијам посебна дозвола изрично дадена од новоизбраниот папа или неговите наследници, во врска со сè што е директно или индиректно поврзано со гласањето и контролата на изборот на папата“, рекоа тие за време на заклетвата.
Заклетвата подразбира тајност на сè што ќе се случи за време на конклавата, а особено процесот на избор на нов папа и гласањето, а на персоналот му е забрането внатре да внесува уреди за аудио и видео снимање.
Членовите на персоналот ја изговорија заклетвата и ги потпишаа потребните документи пред кардиналот Кевин Џозеф Фарел, камерленго на Римокатоличката црква и двајца апостолски протонотари како сведоци.
Конклавата, односно собранието на кардинали, на кое ќе се гласа за избор на новиот папа почнува утре. Претходните две конклави, во 2005 и 2013 година, траеја по два дена.