ЕНР - Брисел
Авион, автомобил, автобус, брод – постојат повеќе начини за патување во и низ Европа. Но, едно превозно средство значително добива на популарност, особено кај младите: возот.
Според Евростат, во 2023 година патничкиот железнички сообраќај во ЕУ го достигна своето највисоко ниво во последните години, при што патниците со воз патувале вкупно 429 милијарди километри.
Ширум Европа, ентузијазмот за патување со воз останува конзистентен од крајот на пандемијата на Ковид-19, која официјално започна во март 2020. Во 2023, патничкиот железнички сообраќај во ЕУ порасна за 11,2 проценти во споредба со 2022 и речиси двојно во споредба со 2020.
„Меѓународните патувања на долги релации доживуваат подем“, изјави Михаел Петерсон, шеф за транспорт на долги релации во германската национална железничка компанија „Дојче Бан“ (ДБ). Тој истакна дека 2024 година била најсилната година во овој сектор за германската железница, со раст од 22 отсто во споредба со 2019 година, пред Ковид-19.
Според извештајот објавен во јуни од француската управа за транспорт (ART), користењето на возовите во Франција собори рекорд трета година по ред во 2024 година, потврдувајќи го растот на железничкиот сообраќај забележан од крајот на Ковидот. Во 2024 година имало 6 процени повеќе патници во споредба со 2023 година, што претставува идентично зголемување како и претходната година, соопштија од ART.
Летното патување со воз исто така значителнo се подобрило во споредба со претходната година, како резултат на Олимписките игри во Париз и патниот билет што им овозможи на младите на возраст од 16 до 27 години неограничено да патуваат со регионални возови за 49 евра месечно.
И другите земји активно го поттикнуваат патувањето со воз преку национални и регионални иницијативи. На пример, за 2025 година, шпанската иницијатива „Младо лето“ (Verano Joven) додели 120 милиони евра за да им овозможи на младите на возраст од 18 до 30 години попусти до 90 отсто за патувања со возови на средни релации и до 50 отсто за патувања со брзи возови.
ЕУ, исто така, има за цел да ги поттикне младите да патуваат со воз преку иницијативата DiscoverEU. Над 1,6 милиони луѓе аплицирале од почетокот на иницијативата во 2018 година, а досега се доделени 391 000 патни билети.
Што е DiscoverEU?
DiscoverEU е иницијатива од програмата Еразмус+ на Европската унија која им дава шанса на 18 - годишни жители на ЕУ да патуваат бесплатно низ Европа со воз.
Секоја година има два повици за аплицирање, еден напролет и еден наесен. Апликантите мора да учествуваат во квиз како дел од процесот на аплицирање, освен ако аплицираат како дел од група.
И млади луѓе од држави кои не се членки на ЕУ: Исланд, Лихтенштајн, Норвешка, Северна Македонија и Турција, можат да аплицираат поради нивната вклученост во Еразмус+ програмата.
Покрај билетот за патување, учесниците добиваат и DiscoverEU младинска карта која им овозможува попусти за јавен превоз, хотели, храна, како и културни, спортски и други активности во 36 европски држави.
Националните агенции за Еразмус+ организираат средби пред, за време и по патувањето. На пример во Бугарија, Националната агенција за Еразмус+ организира настани пред патувањето и можности за вмрежување, и ги охрабрува учесниците да споделуваат приказни и фотографии од нивните патувања на социјалните медиуми.
Конкурсот за DiscoverEU во април 2025 беше отворен за луѓе родени помеѓу 1 јуни 2006 и 30 јуни 2007. Вкупно 156 516 млади луѓе аплицираа за билетот и 35 753 беа одбрани.
Најголемиот број на апликации стигнаа од млади во Германија (24 194), Шпанија (21 414), Полска (15 932) и Холандија (13 106).
Државите со најуспешни апликации беа Германија (6 143), Франција (4 977), Италија (4 394) и Шпанија (3 501).
Други држави со понизок но значаен број на апликации се Романија (1 489), Австрија (715) и Бугарија (561).
Австриската министерка за европски прашања ја пофали иницијативата.
-Нема подобар начин да се искуси Европа отколку со Interrail билетот. Вакви проекти ја прават Европа не само точка на мапата, туку и дел од нашиот идентитет. Ова е одлична можност да се запознаат други луѓе и култури, но истовремено и да се претстави австриската култура, рече Клаудија Плаколм, министерка за Европа, интеграција и семејство на Австрија.
Австриските европратеници Андрес Шидер и Ханес Хајде истакнаа дека DiscoverEU им овозможува на младите да патуваат на одржлив начин: „Тоа е одлична можност да го направиме железничкиот превоз привлечен за младите во ЕУ како еколошки превоз. Иднината на европската мобилност лежи во железницата.“
Еврокомесарот задолжен за DiscoverEU и Еразмус+ ги повика младите да ги искористат придобивките од иницијативата.
„Ова не е само екскурзија, ова е патување што го менува животот. Секоја станица, секое кафуле, секое ново лице што ќе го сретнете придонесува за вашата приказна. Вие не само што ја гледате Европа, туку и ја живеете. Сите вие млади истражувачи со патен билет во рака, излезете и направете го патувањето незаборавно“, рече еврокомесарот за меѓугенерациска правичност, млади, култура и спорт Глен Микалеф.
Нема интегрирана европска железничка мрежа, но ДБ има план
Иако идејата за интегриран европски железнички систем опстојува, реалноста е покомплицирана доколку сте редовен патник.
Проблемите често започнуваат со купувањето билети. Често се потребни повеќе билети за прекугранични патувања, и секој билет треба да се купи посебно. Ова не само што е незгодно, туку и значи дека не важат патничките права, како обесштетување за пропуштени трансфери.
-Често се појавуваат проблеми кога пругата ќе стигне до некоја државна граница, вели Себастиан Вилкен, кој пишува за меѓународни патувања со воз на неговиот блог Zugpost. Проблемите се поврзани со електричното напојување, системи за сигнализација и безбедност, разлики во ширината на пругата, па дури и јазичните вештини на машиновозачите.
Европската Унија одамна ги препозна проблемите. Претседателката на Комисијата, Урсула фон дер Лајен, истакна дека прекуграничното патување со воз останува премногу комплицирано за многу граѓани.
-Луѓето треба да можат да користат отворени системи за резервации за да купат трансевропски патувања од повеќе даватели на услуги без да го изгубат правото на враќање на парите или алтернативно патување, рече таа во политичките насоки за Европската комисија објавени во јули 2024 година.
Европската комисија планира да предложи закон за „унифицирани дигитални резервации и продажба на билети“ со цел да се осигури дека „Европејците ќе можат да купат еден билет на една платформа и да ги остварат своите патнички права за целото патување“.
Европските железници пред неколку години се договорија да го применат стандардизираниот интерфејс „Отворен модел за продажба и дистрибуција“ (OSDM). Петерсон од ДБ го опиша како „јазикот преку кој европските железници и давателите на услуги за продажба разменуваат податоци“. Ова ќе ѝ даде на ДБ пристап до целосното портфолио на билети на железниците кои учествуваат, и обратно.
За ДБ, пристапот првично ќе започне есенва, кога ќе бидат достапни Австриските федерални железници (ÖBB) и Швајцарските федерални железници (SBB). Се очекува нови партнери да се приклучуваат секој месец. „Очекуваме дека до крајот на следната година, Европа ќе биде речиси целосно поврзана“, рече Петерсон.
Потоа, резервирањето билети низ Европа – без разлика дали е од Осло до Атина или од Варшава до Барселона – ќе може да се направи со само еден чекор. Сепак, поевтините билети преку конкурентот на ДБ, Flix, нема да бидат достапни на овој систем.