Со помош на вештачка интелигенција е направена симулација за тоа како би изгледал во блиска иднина просечен маж после години (зло)употреба на нездрава храна.
Лекарите со децении предупредуваат дека ултрапреработената храна е најлошиот можен начин на исхрана за нашиот организам. Во ера на технолошки напредок и постоење на вештачка интелигенција веќе не е тешко да се предвиди иднината, па Британците направиле интересен експеримент. Имено, тие на вештачката интелигенција ѝ дале задача да направи видео врз основа на одредени параметри, односно како би изгледал просечен маж за 30 години ако цел живот јаде ултрапреработена храна. И така е создаден Мајкл, односно морничаво видео кое покажува што му прави ваквата храна на нашето тело.
Неговите рамења се свиткани под тежината на огромниот надуван стомак и виснатите „машки гради“. Кожата му е покриена со акни, нозете му се отечени и заразени со рани, додека морничаво зјапа низ жолтеникавите очи со темни подочници. Мајкл не е лик од хорор филм, туку генерирана слика на просечен Британец во неговите 30-ти, чија исхрана се базира на брза храна.
Резултатите од децениската лоша исхрана не се добри. Покрај очигледните последици од дебелината, неговото здравје е загрозено и страда на многу начини. Мајкл има астма, депресија и анксиозност, тој исто така има и проблеми со спиењето - сите проблеми се предизвикани или влошени од прекумерната тежина.
Тој е изложен на ризик од дијабетес тип 2 и срцеви заболувања, што го прави кандидат за срцев или мозочен удар. Овој „модел“ е создаден во рамките на извештајот на една компанија за испорака на храна. Нивната студија има за цел да ја подигне свеста за долгорочните последици од денешните навики во исхраната во Обединетото Кралство. Имено, во последните неколку децении, ултрапреработената храна, која е преполна со адитиви, стана основа на современото британско мени. Сè повеќе има докази дека газираните пијалоци, бисквитите и готовите оброци предизвикуваат цела палета на здравствени проблеми, вклучително и рак.
Истражувањата покажаа дека луѓето кои јадат ултрапреработена храна умираат помлади. Сепак, шокантно е што овој вид на храна сочинува 57% од исхраната кај просечниот возрасен Британец, а уште позагрижувачки е што сочинува 66% од исхраната кај децата. Според официјалните податоци, Британците консумираат повеќе ултрапреработена храна од која било друга земја во Европа.
Стапките на дебелина значително се зголемија во последните децении, а најновите бројки покажуваат дека четвртина од возрасните се дебели, што значи дека имаат прекумерна тежина на ниво што го зголемува ризикот од болести. Во некои делови на Британија, овој процент се зголемува на речиси половина од локалното население. Стапките на дебелина кај децата се подеднакво загрижувачки, при што едно од осум деца на возраст од 2 до 15 години веќе е класифицирано како дебело.
Работите да бидат уште полоши, речиси две третини од Британците не се свесни за долгорочните последици од ултрапреработената храна, и покрај тоа што три четвртини од нив велат дека сакаат да се хранат поздраво, но немаат време или пари за тоа.
- Ултрапреработената храна сама по себе не е штетна, но кога доминира во нашата исхрана и ги заменува свежите, хранливи намирници, може да го зголеми ризикот од долгорочни здравствени проблеми како што се кардиоваскуларни болести, метаболички нарушувања и недостаток на хранливи материи. Урамнотежената исхрана полна со свежи, цели состојки е клучна за спречување на хронични болести и одржување на целокупното здравје, изјавува д-р Хилари Џонс, општ лекар.
Таа нагласува дека готвењето дома е еден од најефикасните начини да го намалиме внесувањето на ултрапреработената храна и да одржуваме урамнотежена исхрана. Влијанието на брзата храна ги загрижува водечките британски експерти, бидејќи некои се сомневаат дека оваа храна може да содржи состојки кои предизвикуваат зголемување на бројот на случаи на рак кај помладите од 50-тите години.
Професорот Чарлс Свантон, онколог и главен клиничар во Британското здружение за борба против ракот вели дека постои „загрижувачки“ тренд во врска со нездравата храна.
Говорејќи пред Американското здружение за клиничка онкологија, тој изјави дека истражувањата покажуваат оти некои случаи на ран карцином на дебелото црево може да бидат „активирани“ од цревните бактерии присутни кај луѓето кои користат исхрана со ниска содржина на влакна и многу шеќер.
- Она што го гледаме од некои истражувања е дека туморите кај пациенти со ран карцином на дебелото црево имаат мутации кои би можеле да бидат предизвикани од тие микробни видови. Се смета дека тие мутации ја намалуваат способноста на телото да се бори против преканцерозните клетки – нагласува тој.
Докторите препорачуваат целосно да се исфрлат од исхраната или барем да се сведат на минимум колачињата, бисквитите, белите печива, чипсот, газираните пијалаци, брзата храна како пицата и хамбургерите, пишува Дејли меил.