ОН предупредуваат на катастрофа во Мјанмар: Глад заканува на десетици илјади раселени лица

15.08.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
ОН предупредуваат на катастрофа во Мјанмар: Глад заканува на десетици илјади раселени лица

Светската програма за храна (WFP) соопшти дека поради наглиот пораст на раселените лица, не може да обезбеди помош за повеќе од 20 отсто од луѓето кои се соочуваат со сериозен недостиг на храна, пренесува Би-Би-Си. Според податоците на агенцијата, годинава е забележан пад на глобалното финансирање од 60 отсто во споредба со 2024 година.

Ситуацијата во Ракајн дополнително е влошена поради воената блокада воведена од армијата на Мјанмар во 2023 година, со цел да се прекине снабдувањето на бунтовничката Араканска армија. Градот Ситве е под опсада и достапен е само преку морски или воздушен пат. Хуманитарните организации немаат пристап до поголемиот дел од териториите под контрола на Араканската армија.

Обединетите нации известуваат дека семејствата во Ракајн се принудени да преживуваат јадејќи корења, а се забележани и зголемени случаи на задолжување, просење, семејно насилство, напуштање на училиштата и трговија со луѓе. Во март, WFP беше принудена да ја намали помошта за Ракајн, иако бројот на загрозените лица значително се зголемил. Финансиските проблеми на WFP делумно се резултат на намаленото финансирање од САД, кои лани обезбедија речиси половина од вкупниот буџет на програмата. Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп ги намали средствата за УСАИД за 87 отсто, што дополнително ја влоши ситуацијата. 

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата