Со банкрот се соочува фирмата MyWorld International AG која е истовремено сопственик и на фирмата MyWorld Macedonia чиј сопственик е Радован Витошевиќ кој до пред извесно време бил и оперативен директор на MyWorld International AG.
Се обидовме да стапиме во контакт со Витошевиќ, но до почетокот на овие вести одговор сеуште немаме.
Фирмата Lyconet Austria е сопственик на Lyconet Macedonia, чија судбина за иднината е доведена во прашање поради банкротот на MyWorld. Македонскиот претставник и акционер во Lyconet Austria, Зоран Витанов вели дека не може да зборува во име на МyWorld, но за дел од медиумите дал потврден одговор за стечајот.
Според информациите на странски медиуми услугите за користење кешбек преку Lyoness платформата ја следат низа скандали и се целосно забранети во Италија и Норвешка, кадешто се прогласени за функционирање на принципот на илегална пирамидална шема. Овие скандали најчесто вклучуваат измамени инвеститори и компанијата постојано се обидува да се ребрендира, но скандалите ја следат.
Во Шведска, Полска, Франција, Унгарија, Литванија и Грција се воделе истраги за целата платформа, но официјални одлуки за забрана на користење нема.
Во Швајцарија и Австрија, пак, повеќе судски одлуки и регулаторни тела ја класифицирале платформата како пирамидална шема, но иако формална државна забрана не е донесена, моделот е широко оспоруван и дискредитиран како нелегален и небезбеден.
Фирмата MyWorld Macedonia низ годините бележела раст на приходите, но и големи зголемувања во расходите. Пред три години фирмата остварила профит од 66 илјади евра, а следната година добивката била трипати поголема. Значителен пад на профитот фирмата доживеала лани кога остварила 45 илјади евра.