Казни до 5.000 евра за продажба и купување е-цигари со арома во Словенија

28.04.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Казни до 5.000 евра за продажба и купување е-цигари со арома во Словенија

 Здравствениот инспекторат и Управата за јавни приходи ќе вршат засилени контроли, а казни им се закануваат и на поединци кои ќе продаваат, бесплатно ќе нудат или онлајн ќе купуваат забранети производи, пренесува 24ur.com.

Според минатогодишните измени на Законот за ограничување на употребата на тутунски и сродни производи, во Словенија е забранета продажба на електронски цигари и дополнувања со слатки, овошни и билни ароми, без оглед дали содржат никотин. Дозволена е само продажба на производи со 16 одобрени супстанци што даваат тутунски вкус, соопшти Министерството за здравство.

„Истражувањата покажуваат дека електронските цигари ги користат и деца на возраст од 9 до 11 години. Треба да се знае дека тие штетат на здравјето и содржат канцерогени супстанци. Главната состојка е никотинот, кој влијае врз срцето и крвните садови, белите дробови и развојот на мозокот, а притоа предизвикува зависност“, предупреди Весна Маринко, директорка на Директоратот за јавно здравје.

Слатките и овошните е-цигари доведоа до зголемување на консумацијата меѓу малолетниците за 200 проценти за само три години, што поттикна решителна реакција од државата. Властите се надеваат дека со оваа мерка повеќе млади ќе престанат да пушат, пишува „Ал Џезира Балканс“.

За оние што ќе продаваат или нудат забранети е-ароми предвидени се казни од 3.000 до 5.000 евра, додека купувачите на вакви производи онлајн може да бидат казнети со суми од 125 до 5.000 евра.

Здравствениот инспекторат и Управата за јавни приходи ќе вршат надзор со земање примероци, проверка на усогласеноста и повлекување на неусогласените производи од пазарот. Контролите ќе важат и за забраната за пушење на затворени јавни простори, игралишта и дворови на градинки и училишта.

Корисниците на е-цигари што ќе ја прекршат забраната може да бидат казнети со глоба до 5.000 евра. Инспекциите ќе се спроведуваат и во соработка со полицијата и комуналните редари, вклучително и во јавниот превоз.

Министерството за здравство ја смета оваа забрана за важен чекор во заштитата на здравјето на граѓаните, особено на младите. Словенија со ова се приклучува кон бројни земји-членки на ЕУ што веќе воведоа слични мерки.

Според податоците на Националниот институт за јавно здравје, секоја недела во Словенија умираат 60 лица од последици од пушењето. Институтот се залага за дополнителни ограничувања, како намалување на бројот на продажни места и зголемување на цените на тутунските производи. 

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата