Кардиналите кои ќе учествуваат на конклавата го договорија датумот на затворена средба во Ватикан, точно една недела откако папата Франциск почина на Велигденскиот понеделник.
Највисоките црковни службеници ќе се повлечат во Систинската капела, каде што нема да им биде дозволен контакт со надворешниот свет.
Двoтретинско мнозинство од 135 кардинали, за кои се очекува да учествуваат, е потребно за да се избере наследникот на Франциск во постапка која може да трае со денови или дури недели. Најдолгата конклава во поново време беше во 1831 година кога Григориј XVI беше избран по повеќе од 50 дена. Најдолгата во 20-тиот век траеше само пет дена и 14 круга гласање, кога беше избран Пиј XI во 1922 година.
Претходните две конклави, одржани во 2005 и 2013 година, траеја само два дена. Бенедикт XVI беше избран во четвртиот, а Франциск во петтиот круг на гласање. Во тајното гласање можат да учествуваат кардинали помлади од 80 години.
По успешното двотретинско гласање, кардиналите го прашуваат новиот папа дали ја прифаќа должноста и кое име сака да го земе.
Светот дознава дека е избран папа кога службеник со посебни хемикалии ги пали гласачките ливчиња и бел чад излегува од оџакот на капелата. Други хемикалии се користат за да се создаде црн чад кој значи дека нема исход на гласањето.
На крајот, високопозициониран кардинал излегува на централниот балкон на базиликата Свети Петар за да објави „Habemus Papam“ (Имаме папа).