Затвореничките во британските затвори се самоповредуваат 8,5 пати почесто од мажите, а еден од клучните фактори за ова е недостигот на „основна нега“, вклучително и забраната за користење машини за перење во некои затвори, покажува извештајот на надзорниот орган „Жени во затвор“.
Според Скај Њуз, ниту еден од четирите женски затвори што ги посетиле инспекторите не им дозволува на затвореничките да перат алишта во машина. Наместо тоа, тие се принудени да перат рачно во мали пластични садови во своите ќелии. Оваа практика не важи за машките затвори, а жените во притвор исто така сведочат дека немаат доволно долна облека.
Дополнително, затвореничките се принудени да носат машки униформи и немаат пристап до основни хигиенски средства, како паста за заби, додека жилетите се забранети поради високата стапка на самоповредување.
Иако жените во затвор имаат поголема потреба од контакт со семејството во споредба со мажите, посетите се премногу кратки, а во првите неколку дена од притворот најчесто немаат пристап до телефонски кредит.
Никола Дринквотер, претставничка на организацијата „Жени во затвор“, изјави дека извештајот открива трауматизирачка затворска средина која дополнително го влошува менталното здравје на затвореничките, што води кон „алармантно високо ниво“ на вознемиреност и самоповредување.
Во меѓувреме, Комитетот за женско правосудство, кој првпат се состана на 21 јануари, ќе се фокусира на навремена поддршка за затвореничките, како и на решавање на проблемите со кои се соочуваат трудниците, младите мајки и жените со мали деца во правосудниот систем./МИА