За два дена над 8.000 пријави за поштенско гласање на евроизборите во Грција

22.02.2024
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
За два дена над 8.000 пријави за поштенско гласање на евроизборите во Грција

За само два дена откако беше отворена платформата за пријавување за поштенско гласање во Грција, до Министерството за внатрешни работи пристигнале над 8.000 барања, соопшти надлежната министерка Ники Керамеос, говорејќи за грчката телевизија „Мега“, јави дописничката на МИА од Атина.

Керамеос објасни дека сите оние кои се запишани во избирачките списоци до крајот на април можат да одберат гласање преку пошта на европските избори на 9 јуни, без разлика дали се во странство или живеат во Грција.

-Во рок од 48 часа, веќе имаме над 8.000 пријави и од внатрешноста и од странство. Пријавите се од 62 различни земји. Гласачи од Кенија, Казахстан, Ангола, Папуа Нова Гвинеја. Овие луѓе се грчки државјани, кои инаку немаше да можат да гласаат. Сакаме гласот на Грците да се слуша гласно, каде и да се наоѓаат, истакна министерката за внатрешни работи на Грција.

Посочи дека поштенското гласање е промена што има за цел да им го олесни остварувањето на правото на глас на сите грчки граѓани, без да биде потребно да патуваат.

Поштенското гласање на крајот на јануари беше изгласано од Парламентот, ќе важи само за европски избори и референдуми, за првпат се воведува во Грција и се однесува на сите грчки граѓани, запишани во избирачките списоци и сакаат да го остварат своето право на глас по пошта, без разлика дали живеат во Грција или во странство.

Грците кои живеат во странство ќе гласаат исклучиво преку поштенско гласање, додека гласачите во внатрешноста на земјата ќе можат да одберат како ќе го остварат правото на глас или на избирачките места како досега или со гласање по пошта. 

Пријавувањето е до 29 април преку платформа што беше отворена во понеделникот, избирачкиот материјал ќе биде испратен до гласачите на нивната адреса, кои откако ќе гласаат, ќе треба гласачките ливчиња да ги испратат најдоцна до сабота 8 јуни, односно денот пред изборите. 

Ковертот со гласачкиот материјал од Министерството за внатрешни работи ќе биде испратен до гласачите најдоцна до 15 дена пред изборите и ќе содржи коверт, гласачко ливче, упатства и сл.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата