ЦЕФТА на Конференцијата на високо ниво за регионална економска интеграција

31.01.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
ЦЕФТА на Конференцијата на високо ниво за регионална економска интеграција

Конференцијата со наслов „Овозможи. Интегрирај. Расти.“ собра високи претставници на владите, функционери на Европската унија, бизнис лидери и регионални експерти, со цел да се дискутира за напредокот и предизвиците во регионалната економска соработка, како и за патот на регионот кон интеграција во Единствениот пазар на ЕУ.

Вршителката на должност директор на Секретаријатот на ЦЕФТА, Данјела Гачевиќ, учествуваше во панел-дискусијата „Напредок – Поддршка за регионалната интеграција и интеграцијата со ЕУ“. Во своето излагање, Гачевиќ ја истакна клучната улога на ЦЕФТА во унапредување на трговската соработка, елиминирање на трговските бариери и спроведување на реформи што го усогласуваат регионот со стандардите и приоритетите на ЕУ.

„ЦЕФТА се докажа како клучен партнер во процесот на интеграција на регионот во Единствениот пазар на ЕУ,“ нагласи Гачевиќ. „Нашите напори веќе донесоа опипливи придобивки за бизнисите и граѓаните низ Западен Балкан, а денешните дискусии го потврдија нашиот досегашен успех и ги трасираа следните чекори. Намерата на сите нас е да изградиме регион кој не само што е меѓусебно поврзан, туку е и целосно усогласен со стандардите на ЕУ и подготвен да ги искористи можностите на Единствениот пазар.“

Конференцијата се фокусираше на теми поврзани со регионалната економска соработка преку интерактивни сесии, како што се:

Имплементација на Новиот план за раст – дискусија за приоритетите и стратегиите за усогласување на Западен Балкан со стандардите на ЕУ.

Унапредување на трговската интеграција – презентација на реформите во политиките и успешни примери што го покажуваат напредокот во олеснувањето на трговијата.

Претставување на регионалната соработка – славење на достигнувањата во градењето конкурентен и одржлив Заеднички регионален пазар.

Во текот на конференцијата беа истакнати и неодамна усвоените ЦЕФТА договори, кои претставуваат значајни чекори во развојот на Заедничкиот регионален пазар. Овие договори, кои опфаќаат е-трговија, достава на пратки, гео-блокирање, како и признавање на AEO програмите, управување со ризици и решавање на спорови, ја потврдуваат посветеноста на ЦЕФТА за отворање нови можности за бизнисите и граѓаните во регионот.

„Нашата работа е далеку од завршена,“ заклучи Гачевиќ во своите завршни забелешки. „Целосната интеграција во ЕУ бара постојана посветеност и иновации. ЦЕФТА останува посветена на создавање економска средина во која бизнисите ќе напредуваат, граѓаните ќе имаат повеќе можности, а регионот ќе ја зајакне својата соработка со Европската унија.“ 

ЦЕФТА

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата