Собранието на Косово и во 14-тиот обид не успеа да избере претседател

11.05.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Собранието на Косово и во 14-тиот обид не успеа да избере претседател

Како што објави Радио Слободна Европа (РСЕ), како и на седниците од претходните неколку дена, претседавачот Авни Дехари повторно побара формирање комисија за надзор на тајното гласање за претседател на Парламентот, но предлогот не доби доволно гласови и седницата беше одложена.

Продолжението на седницата е закажано за вторник, 13 мај.

На денешната седница, пишува РСЕ, отсуството на пратениците било поизразено, бидејќи присутни биле 92 од 120 пратеници во Собранието на Косово.

Ниту една партија не освои мнозинство за самостојно формирање на владата. Движењето Самоопределување победи, освојувајќи 48 пратенички места, 13 помалку од минималните 61 потребни за самостојно формирање на нова влада.

Иако беа свикани десетици седници за конституирање на Собранието, политичките поделби континуирано го попречуваа тој процес, пишува РСЕ и наведува дека Самоопределување досега не успеа да обезбеди 61 глас потребен за избор на Аљбуљена Хаџиу на функцијата претседател на Собранието. Демократската партија на Косово (ДПК) и Алијансата за иднината на Косово (АБК) ја сметаат за „контроверзна личност“, додека Демократскиот сојуз на Косово (ДСК) наведува дека нема да поддржи ниту еден кандидат на Самоопределување за претседател на Парламентот.

Вршителот на должноста премиер на Косово и лидер на Самоопределување, Албин Курти повтори вчера дека партијата нема намера да предложи друг кандидат освен Хаџиу, наведувајќи дека е должност на сите парламентарни партии да го конституираат Собранието.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата