Марко Шкербец, роден во Риека во 1992 година, кој исчезнал во Јужна Америка на 8 август, бил убиен во Санта Круз, Боливија, минатата сабота, заедно со српскиот државјанин Миљан Ѓекиќ (38) од Ниш и Дејанчо Лазаревски (43), познат како Македонец од Струмица, кој со себе имал бугарски пасош.
Според добро информиран извор за „Јутарњи лист“, Шкербец имал неколку лажни идентитети под кои престојувал во Боливија, пренесе Индекс.
Тој, заедно со Ѓекиќ и Лазаревски, биле на пат кон состанок кога биле ликвидирани минатата сабота во близина на градот Санта Круз, Боливија. Боливиската полиција ги пронашла нивните тела во кујната на изнајмена куќа.
Конфликт меѓу нарко клановите
Боливиските истражители се сомневаат дека се убиени поради конфликт меѓу клановите Кавачки и Шкаљарски, или дека мотивот за убиството бил трговија со кокаин.
На страницата „Исчезнати“, заедно со фотографија од Шкребец, се наведува дека тој бил маж со кафеава коса и овално лице. Меѓу карактеристичните знаци во времето на неговото исчезнување, наведено е дека имал тетоважа на сидро на левото рамо, тетоважа на неговата ќерка на градите и тетоважа на глаголско писмо на десната подлактица. Иако неговото живеалиште е во Риека, тој долго време престојувал во Боливија, а неговото исчезнување било пријавено во Полициската управа на регионот Приморје-Горска.
Марко Шкербец е наведен како еден од водачите на криминалната група што го користела прекарот Коко на шифрираната апликација Скај. Во истрагата спроведена во 2020 година, Марко Шкербец и неколку други лица биле под надзор на тајната полиција. Стотици страници од обвинението содржат снимени разговори во кои се споменува Марко Шкербец, извештаи од надзор, фотографии од дрога и нивните транспортни патишта - од Шпанија, Италија, Германија до Словенија и Хрватска. Приложени се и фотографии со суми пари заработени од нелегална трговија со дрога.
Марко Шкербец, кој, со оглед на тоа што по него биле издадени потерници, имал и неколку други документи, бил убиен во брутални судири меѓу клановите Кавачки и Шкаљарски. Овој конфликт не е немилосрден само во Србија и Црна Гора, каде што неодамна се евидентирани неколку брутални ликвидации, туку членови на спротивставените кланови се ликвидираат меѓусебно и во Хрватска, Словенија, Грција па дури и во Шпанија. Судирите се проширија во Јужна Америка, а некои избегаа во земји како Турција и Обединетите Арапски Емирати од страв од одмазда.