Нов бран протести во Србија – десетици повредени, повеќе од 100 приведени лица

15.08.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Нов бран протести во Србија – десетици повредени, повеќе од 100 приведени лица

Главна мета  беа партиските штабови на владејачката Српска Напредна Партија, демолирани се неколку објекти во Нови Сад.

За разлика од претходно, синоќа приврзаниците на партијата не беа во штабовите за да ги бранат од гневните граѓани. Повеќе десетици демонстранти и полицајци се повредени.

Министерот за внатрешни работи на Србија, Ивица Дачиќ потврди дека се уапсени над 100 лица.  Само синоќа повредени биле 75 полицајци, а во последните три дена вкупно 121.

-Приведовме 114 лица, поднесени се 34 кривични пријави, 28 прекршочни пријави, откриени се 11 прекршоци и по законот за безбедност во сообраќајот,- -Ивица Дачиќ.

Меѓу повредените е и пратеникот на Партијата за Слобода и Правда, Пеѓа Митровиќ во Белград.

-Без никаква причина седум или осум маскирани хулигани тргнаа кон мене. Иако се претставив дека сум народен пратеник и не ги провоцирав, крвнички почнаа да ме удираат со шипки по главата и по нозете. Почнаа да ме шиканираат и да ме навредуваат. Кога сфатив дека немаат поим што прават и дека тоа може да стигне предалеку, само се тргнав настрана и побегнав бидејќи видов дека имам работа со луѓе кои не се при себе,- Пеѓа Митровиќ.

Академскиот пленум го осуди синоќашното апсење и оцени дека апсењето е само доказ дека институциите се продолжена рака на режимот. Премиерот Ѓуро Мацут за немирите ширум земјата вели дека тоа е директен напад врз државата.

Во телевизиска емисија преку телефонски разговор вчера се огласи и претседателот на Србија, Александар Вучиќ кој вели дека повторните насилни протести се показател за тоа кој напаѓa и уништува.

-Ќе има уште многу уапсени вечерва за разлика од синоќа (среда) и денеска. Ќе бидат уапсени многу повеќе и на крајот државата ќе победи. Ова не може да го прави нормален човек, да бидам искрен и тие ќе мораат да одговараат, нема тука некоја филозофија,- Александар Вучиќ.

Иако во последните неколку дена се споменуваше и граѓанска војна во Србија, поранешниот македонски амбасадор Ѓорѓи Филипов смета дека тоа во моментот е нереално сценарио и дека предвремени избори може да значат излез од оваа ситуација.

-Ситуацијата не е толку да може да се нарече пред граѓанска војна, меѓутоа употребата на преголема сила може да доведе до поголема реакција на лица коишто досега не биле вклучени.Затоа треба да се внимава, односно да се насочи целата ситуација кон формирање евентуална преодна влада,- -Ѓорѓи Филипов.

Антивладините протести во Србија почнаа пред девет месеци поради уривањето на натрешницата од железничката станица во Нови Сад, кое однесе 16 жртви.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата