Низа земјотреси на грчкиот остров Евија - најсилниот 4,5 степени

19.05.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Низа земјотреси на грчкиот остров Евија - најсилниот 4,5 степени

Земјотрес со јачина од 4,5 степени беше регистриран кусо пред 3.30 часот на Евија, што е дел од низата земјотреси со ист епицентар во изминатите 24 часа во северниот дел на грчкиот остров, а предизвикана е помала материјална штета и пукнатини на над 50 објекти, јави дописничката на МИА од Атина.

Претседателот на грчката Организација за антисеизмичко планирање и заштита Ефтимиос Лекас за државната телевизија ЕРТ рече дека не постои посебна причина за загриженост, но дека го следат развојот, додавајќи дека на жителите им биле дадени потребните упатства.

- Ова е трет земјотрес со јачина од над 4 степени според Рихтер во последните 24 часа откако започна сеизмичката активност. Уште од самиот почеток нагласив дека во наредните денови ќе имаме земјотреси со јачина од 4 и 5 степени според Рихтеровата скала, посочи Лекас.

Во текот на вчерашниот ден беа регистрирани десетици помали земјотреси, а најголемите беа од 4,1 и 4,4 степени, кои беа почувствувани и во Атина.

Градоначалникот на општината Мантуди Јоргос Цапуриотис за ЕРТ рече дека „многу домови претрпеа пукнатини, некои објекти претрпеа поголема штета“, посочувајќи дека бројот е сигурно над 50 објекти.

Со одлука на градоначалникот сите училишта во конкретната општина денеска се затворени за надлежните да извршат увид на објектите.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата