Хрватска: Загреб, Сплит и Ријека ќе добијат градоначалници во вториот круг од локалните избори

19.05.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Хрватска: Загреб, Сплит и Ријека ќе добијат градоначалници во вториот круг од локалните избори

Во Загреб во вториот круг очекувано влезе актуелниот градоначалник Томислав Томашевиќ, кандидат на обединетата левица, партиите Можеме и Социјалдемократската партија (СДП), на кого малку му недостасуваше за победа уште во првиот круг. Според обработени речиси сите избирачки места во Загреб, Томашевиќ освои повеќе од 47 отсто од гласовите или околу 130.000 гласови и во вториот круг ќе се соочи со второпласираната, независната кандидатка Марија Селак Распудиќ, која освои околу 15 отсто од гласовите (43.000 гласови).

Без втор круг остана кандидатот на владејачката партија на национално ниво, Хрватската демократска заедница (ХДЗ) Мислав Херман, кој освои околу 13 отсто од гласовите. Излезноста во Загреб беше околу 43 отсто.

Коалицијата Можеме и СДП освои убедливо најмногу гласови за загрепското собрание и обезбеди мнозинство одборнички места.

Во Сплит, во вториот круг од изборите за градоначалник влегоа актуелниот градоначалник Ивица Пуљак (Центар) со освоени околу 35 отсто од гласовите и кандидатот на ХДЗ Томислав Шута со нешто под 30 отсто.

Во вториот круг од изборите за градоначалник на Ријека влегоа Ива Ринчиќ (Акција на млади и партнерски партии) со освоени околу 40 отсто од гласовите и актуелниот градоначалник Марко Филиповиќ (независен) со околу 20 отсто.

СДП, која е на власт во Ријека повеќе од 30 години, остана без кандидат во вториот круг, бидејќи кандидатката на таа партија, актуелната заменичка градоначалничка Сандра Крпан заврши на третото место. Партијата се одлучи за Крпан наместо актуелниот градоначалник Марко Филиповиќ, сега веќе поранешен член на СДП, кој дополнително влезе во изборната трка како независен кандидат.

Во Осијек, очекувано, уште во првиот круг убедливо победи актуелниот градоначалник Иван Радиќ (ХДЗ), кој освои повеќе од 70 отсто од гласовите.

Премиерот и претседател на ХДЗ Андреј Пленковиќ синоќа во изборниот штаб на ХДЗ во Загреб изјави дека е задоволен од резултатите, бидејќи „гледано во целина, Хрватска и понатаму е доминантно во сина боја“. Тој нагласи дека не е разочаран од резултатот на кандидатот на ХДЗ за градоначалник на Загреб, бидејќи листата на ХДЗ е втора по бројот на гласови за Собранието на градот Загреб.

Пленковиќ посебно ги пофали партиските резултати на подрачјето на Славонија, делови од Далмација и Банија, додека за Ријека рече дека е „целосна катастрофа за СДП“.

Граѓаните на Хрватска вчера избираа локална власт, а во бројни градови и жупании ќе се одржи втор круг од изборите за две недели. За општински и градски совети, жупаниски собранија и Градското собрание на Загреб, градоначалници и жупани како и нивни заменици се кандидираа повеќе од 31.000 кандидати, што е 7.770 помалку од пред четири години.

Општинските градоначалници и жупани се избираат со мнозинство гласови, а за да бидат избрани мора да добијат повеќе од 50 отсто од гласовите на оние кои излегле на гласање, а доколку не успеат, вториот круг ќе се одржи за две недели, на 1 јуни.

Хрватска има 576 локални единици – 428 општини, 127 градови и 20 жупании, покрај градот Загреб кој има посебен статус на град и жупанија.

Во седум градови и 112 општини изборите веќе порано беа одлучени, бидејќи во нив се кандидираше само по еден кандидат или една листа, а повеќето однапред познати градоначалници се од ХДЗ.

И припадниците на националните малцинства избираа од своите редови, меѓу другото, десет заменици жупани, 18 заменици градоначалници и 39 заменици општински градоначалници.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата