Научен тим на Санторини врши проверки за идентификување на областите со висока опасност

21.02.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Научен тим на Санторини врши проверки за идентификување на областите со висока опасност

Интердисциплинарен комитет за управување со опасности и кризи при Универзитетот во Атина спроведува систематско истражување на релјефот на Санторини, со цел да се идентификуваат областите со зголемен ризик од лизгање на земјиштето, јави дописничката на МИА од Атина.

Како што соопштија од атинскиот Универзитет, научниот тим предводен од претседателот на Организацијата за антисеизмичко планирање и заштита на Грција (ОАСП) професорот Ефтимиос Лекас освен што ја следат сеизмичката активност на островот, спровеле и истражувања за можна опасност од лизгање на земјиштето, а веќе се идентификувани конкретни области.

- Многубројните сеизмички потреси што беа регистрирани предизвикаа дестабилизација на падините во повеќе области. Оваа опасност се припишува на силните морфолошки наклони, составот на карпите, како и алтернацијата на материјалите со различна отпорност на ерозија. Исто така, човечките активности дополнително ги оптоваруваат и онака ранливите области, соопштија од атинскиот Универзитет.

Додадоа дека она што е важно да се нагласи е дека дестабилизацијата на падините може да доведе до лизгање на земјиштето дури и откако ќе престане сеизмичката активност, а обилните врнежи можат да дејствуваат како катализатор.

На грчкиот остров ситуацијата со земјотресите во изминатите денови е значително смирена, а грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, како што вчера објави МИА, во интервјуто за „Блумберг“ се осврна и на Санторини, објаснувајќи дека во последните денови има намалување на сеизмичката активноста, „што е охрабрувачки“ и порача дека „Грција е безбедна земја“. 

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата