Додик: Ако бидам осуден ќе ја забранам работата на Судот и на Обвинителството на БиХ во РС

21.02.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Додик: Ако бидам осуден ќе ја забранам работата на Судот и на Обвинителството на БиХ во РС

Претседателот на Република Српска, Милорад Додик денеска изјави дека ако биде осуден пред Судот на Босна и Херцеговина поради неизвршување на одлуките на Високиот претставник Кристијан Шмит, РС ќе ја забрани работата на државниот суд и обвинителството, како и на државните безбедносни агенции.

- Оваа борба не е на Милорад Додик, туку реакција на акцијата што ја презеде политичко Сараево, истакна Додик за ТВ Пинк.

Тој истакна дека ако биде осуден „РС ќе го откаже секое присуство на судот и обвинителството, Агенцијата за истрага и заштита на БиХ (СИПА) и други вештачки и вонуставно наметнати тела на ниво на БиХ, ќе биде забранета нивната работа на територијата на РС, ќе биде донесе изборен закон и ќе направам се за да ги вратам 83 надлежности на нивната уставна позиција на БиХ“.

Додик наведе дека судењето е „чист политички прогон“ и оти РС ќе одговори со политички одлуки.

Тој истакна дека дури и Судот да му забрани политичка активност, тој ќе продолжи да се занимава со политика.

- Значи нема ништо да се случи, Милорад Додик останува тука, останува претседател на Републиката, дури и ако ми забранат политичка активност, ќе продолжам да се занимавам со политика, истакна Додик.

Претседателот на РС и вршителот на должноста директор на Службен весник на РС, Милош Лукиќ се обвинети за неспроведување на одлуки на високиот претставник, што според Кривичниот законик на БиХ предвидува затворска казна од шест месеци до пет години, како и забрана за вршење јавна функција.

Завршните зборови на обвинителството и одбраната беа на 19 февруари, а судијата има рок од три дена да изрече пресуда. 

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата