Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, синоќа пристигна во официјална посета на Србија, пречекан од претседателот на Србија, Александар Вучиќ, јави дописникот на МИА од Белград.
„Го пречекав претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, со кого ќе имам можност да разговараме за клучните прашања за односите меѓу Србија и Европската унија, како и за предизвиците со кои се соочуваме на тој пат“, напиша Вучиќ на својот Инстаграм профил.
Вучиќ истакна дека Србија е решена да продолжи по европскиот пат, подготвена да работи со одговорен и партнерски пристап по сите прашања важни за мирот и просперитетот на граѓаните.
„Верувам во големата важност на дијалогот, отворената и директната комуникација во време на сложени геополитички околности“, рече Вучиќ.
Кошта, денеска во Белград ќе се сретне, со Вучиќ, премиерот, Ѓуро Мацут, и со пратеници во Парламентот, вклучувајќи ги и пратеници од опозицијата.
Вучиќ и Кошта претходно се сретнаа на 25 март во Брисел, на заедничка работна вечера со претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, како и на 3 декември лани, два дена откако Кошта ја презеде функцијата.
Во изјава за Евроњуз, Кошта нагласи дека Албанија и Црна Гора имаат предност во споредба со другите земји од Западен Балкан, но нема фиксен датум за прием на нови членки во ЕУ.
„Пристапувањето е процес базиран на заслуги. Доколку земјите спроведат реформи, тие можат да се приклучат дури и пред 2030 година. Но, заслугите се тие што можат да се променат. Албанија и Црна Гора се очигледно во предност во споредба со другите земји“, рече Кошта во интервјуто.
Медиумот наведува дека претседателот на Србија, бил единствениот лидер на земја кандидат за ЕУ кој присуствувал на прославата за Денот на победата во Москва на 9 мај, дека Србија никогаш не се приклучила на санкциите на ЕУ против Русија и дека владата во Белград со месеци се соочува со протести каде што демонстрантите ги обвинуваат властите за корупција и ограничување на политичките и медиумските слободи.
За време на работниот состанок со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, минатиот месец, Кошта рече дека Вучиќ „бил многу јасен во врска со формирањето на новата влада и усвојувањето на три клучни реформи: изборниот закон, слободата на медиумите и борбата против корупцијата“.
Коментирајќи го присуството на Вучиќ во Москва и политичките тензии во Србија, Кошта рече дека еден од условите за членство е усогласување на надворешната политика со ЕУ.
Кошта повтори дека проширувањето кон Западен Балкан е еден од приоритетите на ЕУ и ги повика земјите-кандидатки да се посветат на реформите.
Тој рече дека во срцето на неговата мисија во Западен Балкан е потребата Брисел да не ја изгуби стратешката контрола врз клучниот регион.
„Руската инвазија на Украина го забрза процесот на пристапување за Украина и Молдавија, па затоа не е фер земјите од Западен Балкан да гледаат како ги престигнуваат. Ова ќе ги охрабри побрзо да ги спроведат реформите“, рече тој.
Коментирајќи го порастот на тензиите на Западен Балкан, Кошта рече дека не знае „подобар поттик за надминување на се уште отворените конфликти од членството во Европската унија“.
„Тоа е најдобриот услов што може да им се понуди на земјите од Западен Балкан, можност за просперитет што тешко би ја нашле на друго место“.
Во врска со намалувањето на поддршката и интересот на граѓаните на Србија за ЕУ поради нејзината двоумење во врска со проширувањето, Кошта рече дека „најважно е да се разбере значењето“ на ЕУ.
„Минатата недела ја одбележавме 75-годишнината од Шумановата декларација, првиот чекор кон денешната Унија. Она што навистина ја изгради ЕУ беше волјата за надминување на раните од минатото“, заклучи тој.
Последната станица од турнејата на Кошта е Тирана, каде што в петок ќе учествува на самитот на Европската политичка заедница, што ги обединува повеќе од четириесет европски земји, а е основана во 2022 година по руската инвазија на Украина и чија агенда вклучува и проширување на ЕУ кон Западен Балкан.
„Во рамките на Европскиот совет постои широк политички консензус дека проширувањето е најважната геополитичка инвестиција што може да се направи за стабилноста, мирот и просперитетот на цела Европа, вклучувајќи ги и земјите од Западен Балкан“, рече Кошта.
Тој истакна дека „земјите од ЕУ и Западен Балкан делат заедничка визија, бидејќи припаѓаат на европското семејство“.