Кефалојанис: Од почетокот на годинава над 5.600 пожари во Грција, седум од десет се должат на човечки фактор

12.08.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Кефалојанис: Од почетокот на годинава над 5.600 пожари во Грција, седум од десет се должат на човечки фактор

Седум од десет пожари се должат на човечки фактор, главно поради невнимание, но имаме некои и со умисла, истакна министерот за климатски кризи и цивилна заштита на Грција Јанис Кефалојанис во интервјуто за грчката телевизија „Скај“, посочувајќи дека од почетокот на 2025 година во земјата имало над 5.600 пожари.

Надлежниот грчки министер апелираше до граѓаните да бидат внимателни бидејќи следните 20 дена, поради временските услови и ветерот се очекува да бидат најтешки досега.

- Од почетокот на годинава имаме над 5.600 пожари, додека од 1 мај, кога започна сезоната за заштита од пожари до денес, имаме над 3.000, поконкретно 3.100 заклучно со вчера. Во однос на изгорените површини, досега сме под просекот од последните 20 години. Пожарникарите вложуваат огромни напори со копнените и воздушните средства брзо да ги локализираат пожарите, истакна Кефалојанис.

За критиките од опозицијата дека Владата и надлежното Министерство немаат план за справување со пожарите, објасни дека годинава се ангажирани 18.000 лица, од кои 15.500 се постојани пожарникари и оние со петгодишен договор, а 2.500 се сезонски, потенцирајќи дека ова е највисокиот број, со оглед на тоа дека во 2019 година биле 4.000 лица помалку.

Во однос на воздушните средства рече дека се меѓу 80-85, од кои 50 авиони и хеликоптери се изнајмуваат согласно договорот за периодот 2023-2028 година.

- Оваа година имаме двојно повеќе дронови, од 42 на 85. Дроновите вршат одлична работа бидејќи веднаш го откриваат чадот пред да се развие во пожар. Функционираат и навечер, што значи дека и во текот на ноќта знаеме што се случува, нешто што не постоеше претходно. Тоа е мерка за спречување на пожар, објасни Кефалојанис./МИА.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата