„Русите не се подготвени за прекин на огнот. Ова ниво на делегации не може да го реши тоа, тие веруваат дека тоа е прашање за лидерите. Тие самите рекоа дека прашањето за прекин на огнот е прашање за повисоко ниво. Ние сме подготвени за состанок со Путин веднаш. Местото на состанокот треба да го изберат Русите - Истанбул, Ватикан, Швајцарија, сите се достапни. Во понеделник или кој било друг ден“, рече Зеленски, пренесува Укринформ.
Вториот круг преговори меѓу Русија и Украина се одржа во Истанбул во понеделник, а состанокот траеше повеќе од еден час во Чираг палатата.
По состанокот, Украина објави дека е постигнат договор за размена на сите тешко ранети и критично болни воени заробеници, како и млади војници на возраст од 18 до 25 години, по принципот „сите за сите“, и дека двете страни се согласиле да ги разменат телата на 6.000 убиени војници.
Киев, исто така, предложи средба меѓу лидерите на двете земји до крајот на месецот.