ЕУ се справува со недостиг на здравствени работници, особено медицински сестри

7.06.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
ЕУ се справува со недостиг на здравствени работници, особено медицински сестри

Недостигот обучен кадар, дел од поширок тренд во многу сектори од економијата, претставува особено значаен удар врз здравството. Истовремено, се повеќе и повеќе луѓе имаат потреба од здравствена нега.

Во извештај од 2023, Европската фондација за унапредување на условите за живот и работа (Еврофонд) ја сумираше ситуацијата на следниот начин:

- Недостигот на работна сила е особено присутен во сектори со тешки услови за работа, како што се здравството и долгорочната нега. Ниските нивоа на вложување заедно со влијанието на пандемијата [на Ковид-19] и родово-поделениот пазар на труд придонесуваат за недостиг на здравствени работници и работници за долгорочна нега во сектор каде што стареењето на населението и работната сила во ЕУ дополнително ќе го влошат овој недостиг во наредните години, се вели  во извештајот на Еврофондот.

Ситуацијата делува слична во сите земји членки на ЕУ, како и земјите кои сакаат да се приклучат на блокот. Земјите се мачат со истите проблеми, освен сеприсутниот проблем со здравствени трошоци кои постојано растат:

Стареење на населението

Демографските промени во ЕУ се огромни – процентот на население на возраст од 65 години и повеќе е зголемен од 16 проценти во 2000 година на повеќе од 21 процент во 2023 година, според извештај на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) од 2024 година. Проекциите укажуваат на натамошен пораст до речиси 30 проценти до 2050 година.

· Податоците од Италија го предвидуваат токму ова сценарио. Според извештајот „Меридиано санита“ на тинк-тенкот „Теха“, ова го загрозува здравствениот систем: постарите лица веќе апсорбираат околу 60 проценти од националните трошоци за здравствена заштита и покрај тоа што претставуваат само 25 проценти од населението.

· Одделот за статистика на социјалните министерства во Франција (ДРЕЕС) предупреди дека со стареењето на населението и очекуваното зголемување на хроничните болести, потребата за нега се предвидува да порасне за околу 55 проценти до 2040 година, далеку надминувајќи го растот на бројот на медицински сестри.

· Новата министерка за здравство на Германија, Нина Варкен, повика на поголеми надлежности и подобри услови за работа за здравствените работници со цел подобра грижа за старечкото население на земјата.

Стареење на работната сила

Покрај општото население, стареат и негувателите:

· Во Франција, државното здружение на медицински сестри предупреди во март дека и покрај зголемувањето на бројот на медицински сестри, работната сила нема да ги задоволи идните потреби во здравството. Заклучно со 1 март, имало 565.553 регистрирани медицински сестри, од кои 87 отсто се жени. Просечната возраст „е околу 40 години“, рече претседателката на здружението, Силвен Мазиер-Тауран. 12.000 медицински сестри биле постари од 60. „Препорачуваме да се проценат потребите и да не се чека да удриме во ѕид“, предупреди Мазиер-Тауран.

· Во Бугарија, просечната возраст на медицинските сестри била 49 години во 2024 година, според податоците од здружението на здравствени работници во земјата. Околу 20 отсто од бугарските здравствени работници се веќе на возраст за пензионирање, во споредба со само 4 отсто во другите земји членки на ЕУ, истакна претседателката на здружението, Петја Недкова. Од 2015 година, бројот на медицински сестри е намален за 30 отсто на околу 22.000 минатата година.

· Во Шпанија, 49.791 медицинска сестра се на возраст меѓу 55 и 64 години и се очекува да се пензионираат во следните десет години, според студијата спроведена од Шпанскиот институт за истражување на медицинска нега. Бројот на медицински сестри во Шпанија продолжува да заостанува зад Европа со стапка од 6,3 професионалци на 1.000 жители – што значи недостиг од близу 123.000 медицински сестри.

· Шефот на италијанскиот завод за статистика (ISTAT), Франческо Марија Кели, рече дека според процените околу 77 отсто од матичните лекари во земјата биле на возраст од 55 или повеќе години. Кели објасни дека „вработувањето и стареењето на здравствените работници претставуваат критични прашања за здравствениот сектор, посебно во контекст на идното зголемување на побарувачката за нега поради динамиката на населението“.

Преработеност

Бројот на лекари и медицински сестри по пациент варира низ Европа. Статистичките податоци тешко се усогласуваат, но просекот во ЕУ за лекари е околу 4 на 1.000 жители. Кај медицинските сестри бројката е поблиску до 9.

· Хрватска има околу 4,6 медицински сестри на 1.000 жители. Недостигот значи дека постоечкиот кадар работи исклучително долги смени со минимални паузи, што доведува до високи нивоа на стрес и работна исцрпеност.

· Во април, француските здравствени работници и роднини на колеги кои извршиле самоубиства поднесоа пријави против двајца министри поради „смртоносни работни

услови“ во јавните болници за кои велат дека предизвикуваат самоубиства, изјави нивниот адвокат.

· Во Шпанија, матичните лекари го истакнаа недостигот на финансирање и кадар, што доведува до долго чекање за термини. Секој лекар во Шпанија во просек врши 6.906 прегледи годишно, што значи 28 дневно. За медицинските сестри бројката е 4.104 (16,6 дневно).

Распределба на негуватели

Болниците и лекарите често се концентрирани во урбаните средини, додека другите региони се соочуваат со низок сооднос помеѓу бројот на лекари/медицински сестри и пациенти.

· Во Франција, перифериите на урбаните средини и некои погранични региони обично имаат пониска покриеност. Лекарите и студентите по медицина во април протестираа против предлог-закон кој има за цел да регулира каде лекарите можат да отворат ординација за да се справи со т.н. „здравствени пустини“.

· Во Бугарија, една од пет медицински сестри работи во главниот град, Софија.

· Додека бројот на лекари на 1.000 жители во Хрватска не е далеку од европскиот просек, тие се нерамномерно распоредени, со недостиг во руралните области и на островите.

· Португалија има сооднос од 5,6 лекари, меѓутоа, оваа бројка ги вклучува сите регистрирани лекари, без разлика дали се активни, што може да ја искриви сликата. Руралните места и регионите во внатрешноста на државата се соочуваат со поголеми тешкотии во привлекувањето и задржувањето на здравствените работници, што резултира со нееднаквости во пристапот до нега.

Миграција на доктори и медицински сестри

Ниските плати, лошите работни услови и ограничените можности за професионален развој ги тераат лекарите и медицинските сестри да бараат подобра работа во странство.

· Помеѓу 2019 и 2024 година, повеќе од 6.000 клинички доктори го напуштија Националниот здравствен систем на Португалија, што дополнително го влоши недостигот на кадар, особено во критични области како акушерството и педијатријата. Многу здравствени работници избираат да се преселат во приватниот сектор или во странство во потрага по подобри работни услови и плата.

· Босна и Херцеговина со години доживува постојан одлив на здравствени работници. Според процените на здравствените институти на ентитетите и меѓународни организации, во изминатата деценија повеќе од 4.000 медицински сестри и медицински техничари и речиси 2.000 лекари ја напуштиле земјата.

· Бугарските здравствени работници во мај побараа зголемување на платите за 150 отсто. Синдикалецот Маја Илиева изјави дека платите на медицинските сестри се пониски од оние во супермаркетите, што ја прави професијата непривлечна.

· Хрватска се соочи со масовен егзодус на лекари и медицински сестри кон подобро платени работни места во странство. Според податоците од Хрватското медицинско здружение од минатата година, во десетте години откако Хрватска се приклучи на ЕУ на 1 јули 2013 година, вкупно 1.214 лекари од нешто над 16.000 лекари ја напуштиле Хрватска. Според процените од 2024 година, имало недостиг од околу 4.000 медицински сестри. Повеќето лекари и медицински сестри се преселиле во Германија, Австрија, Ирска и Шведска. Иселувањето на здравствени работници сепак забави по значителни зголемувања на платите.

· Словенија, исто така, забележа одлив на здравствен кадар во други земји. Пресметките на Комората на медицински сестри за 2022 година покажуваат дека има недостиг од 20 до 25 проценти кога станува збор за медицински сестри на болничко и примарно ниво. Исто така нема доволно лекари, медицински персонал во домови за нега и фармацевти. Словенија досега привлекуваше здравствени работници од поранешна Југославија, но и овие резерви на работна сила се празнат.

· Германија е земја која има добивка од миграцијата на здравствените работници. Според официјалните статистика, околу 20 отсто од негувателите во болниците, старечките домови и службите за домашна посета доаѓаат од странство.

Дали фрлањето пари на проблемот е доволно?

Програмата ЕУ за Здравје (EU4Health) – првично усвоена како одговор на пандемијата на Ковид-19 – обезбедува финансиска поддршка за здравствениот сектор. Во повеќегодишната финансиска рамка за 2021-2027, издвоен е буџет од 4,4 милијарди евра за зајакнување на здравствените системи. Иако средствата беа најмногу наменети за зајакнување на отпорноста на ЕУ кон здравствени закани, борбата против ракот и фармацевтска стратегија, некои држави ги искористија и за своите здравствени работници.

Босна и Херцеговина, земја кандидат за ЕУ, исто така се приклучи на програмата во јули 2024 година, означувајќи го првиот пат кога земјата доби пристап до средствата на ЕУ наменети за зајакнување на отпорноста и дигитализацијата на здравствениот систем, како и за обезбедување дополнителна обука за здравствените работници. Иако ова се првите чекори, се очекува дека средствата ќе придонесат за модернизација на опремата, подобрување на условите за работа и воведување програми за професионален развој.

Словенија делумно користи средства од Планот за закрепнување и отпорност за да се справи со недостигот на работна сила во здравството, бидејќи планот предвидува конкретни средства за зајакнување на компетенциите на здравствениот кадар со цел да се осигури квалитетот на услугата и дигиталната трансформација на здравствениот систем.

Многу мерки за справување со недостигот на работна сила во секторите за здравствена заштита и долгорочна нега се фокусираат на платата и условите за работа, се наведува во извештајот на Еврофонд за 2023 година. Иако иницијативите за решавање на проблемот со ниските плати во некои земји од централна и источна Европа – како што е Хрватска – помогнаа да се забави бројот на оние што размислуваат да работат во странство, фокусирањето само на платата често е недоволно.

Лошите услови за работа го отежнуваат вработувањето. „Мораме да се справиме со незадоволството од јавното здравство и тешкотиите со вработувањето на обучен кадар, како и со пикот на кривата на пензионирања“, истакна неодамна италијанскиот министер за здравство Орацио Скилачи.

Извештајот на Еврофонд препорачува да се земат предвид и други фактори за квалитетот на животот што ја прават работата попривлечна, како што се образовниот систем, поголема автономија над работното време, пристап до обука и напредување во кариерата и позначајна работа.

Додека овие обиди главно се однесуваат на професионалната нега, постои и аспект на неформална нега, која ќе стане поважна како што старее населението во Европа. Уште сега, потребите за нега не се задоволени за многу луѓе. Се повеќе постари лица ќе имаат потреба од грижа во домови за стари лица, во нивните домови или во домовите на нивните семејства. Оваа работа често паѓа на членовите на семејството.

Според тинк-тенкот „Бругел“, жените ќе загубат најмногу доколку не се преземат чекори да се подготват системите за долгорочна нега за идниот пораст на побарувачка, бидејќи негата – и формална и неформална – главно ја обезбедуваат жени. Кај жените постои поголема веројатност да го намалат своето работно време за да се фокусираат на неплатената нега во домот. Повеќе од три четвртини од професионалните медицински сестри во ЕУ се жени./МИА

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата