Украинскиот претседател Володимир Зеленски го посети командното место на тактичката група на фронтот во Покровск на истокот на земјата и се сретна со командантите на единиците во кои се сместени најелитните единици на беспилотни системи на Вооружените сили на Украина , објави Укринформ.
„Го посетив командното место на тактичката група Покровск и се сретнав со командантите на линијата за беспилотни летала, кои ги обединија најдобрите единици на беспилотни системи на нашите вооружени сили“, објави Зеленски на социјалната мрежа Х.
„Добив извештај за одбраната на правецот на фронтот, оперативната состојба и напредокот на мисијата. На нашите војници им доделив државни награди“, додаде тој.
Зеленски изјави дека командантите Мадијар, Ахил, Хасан, Вереш и Земљак му ги презентирале резултатите од работата на единиците на оператори со беспилотни летала за време на операциите во регионот Курск, како и во насоката Доњецк и други клучни области.
„Им благодарам на сите што ѝ помагаат и ја поддржуваат Украина“, рече украинскиот претседател.
Интензивни борби во близина на Покровск, град во регионот на Доњецк, е едно од најактивните боишта во војната и најопасните места на фронтот во последните месеци. Градот е стратешки важен поради неговите транспортни врски и близината до клучните индустриски капацитети, вклучувајќи рудници за јаглен и челичарници.
Руските сили со месеци ги интензивираат нападите во областа Покровскоје, но украинските сили пружаат силен отпор. И покрај интензивните борби, руските сили не успеаја да направат значителен пробив во последните недели. Украинската војска користи комбинација од пешадија и беспилотни летала за да ги задржи своите позиции и да го спречи непријателскиот напредок.