Започнаа мировните преговори меѓу Русија и Украина во Истанбул

2.06.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Започнаа мировните преговори меѓу Русија и Украина во Истанбул

 Руската делегација, предводена од Владимир Медински, пристигна околу 11:40 часот, додека украинската делегација пристигна седум минути подоцна.

Преговорите се закажани за 12 часот, а времетраењето на разговорите не е однапред утврдено. Претходниот круг преговори, одржан на 16 мај, траеше помалку од два часа.

Состанокот се одржува во палатата Чираган, луксузна историска зграда на брегот на Босфорот, каде што руските и украинските претставници веќе преговараа во средината на минатиот месец.

На местото на состанокот пристигна и директорот на турската разузнавачка служба МИТ, Ибрахим Калин, што ја нагласува важноста што Анкара ја придава на овој дипломатски процес.

Заменик-министерот за надворешни работи на Украина, Сергиј Кислица, се сретна со претставници на Германија, Италија и Обединетото Кралство пред денешниот состанок со Русија во Истанбул, потврди портпаролот на украинското Министерство за надворешни работи, Хеорхиј Тихи.

- Страните ги усогласија ставовите пред денешниот состанок на украинската и руската делегација, изјави Тихи.

Тој додаде дека Украина уште еднаш ги истакна клучните точки од својата агенда, вклучувајќи средба на лидерите на двете земји и целосен прекин на огнот како главни цели на преговорите. 

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата