Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова изјави дека напорите на американскиот претседател Доналд Трамп за решавање на кризата во Украина може да укажуваат на неговата желба да влезе во историјата како миротворец.
Гостувајќи на радио станицата „Спутник“, Захарова оцени дека американскиот претседател јасно порачал дека „ситуацијата што претходната американска администрација ја предизвика, ја започна и всушност ја создаде мора да се реши“.
„Не можам да шпекулирам дали Трамп ја чувствува одговорноста на Америка за таа ситуација ниту дали во неговата порака постои желба Америка да ја направи вистински голема. Но, тој рече дека сака да ја реши кризата“, рече Захарова.
Таа додаде дека Трамп можеби сака да биде запаметен во историјата како миротворец, да се „моли за гревовите на претходните администрации“ или во рамките на својата визија за Америка како голема сила да придонесе за нејзина обнова.
Захарова, исто така, оцени дека ангажирањето на Трамп во врска со конфликтот во Украина произлегува од интересите на неговата земја, политичката кариера и изборната кампања.