Според комитетот за подготовка на форумот, конференцијата има за цел да ги вклучи различните етнички и верски заедници во политичкиот процес во Сирија.
Оваа конференција претставува клучен момент за управувањето на „Хаџат Тахрир ал Шам“, групација порано поврзана со „Ал Каеда“, која на 8 декември го презеде Дамаск. Поради тоа, Асад побегна во Русија, со што заврши повеќе од 50-годишното владеење на неговото семејство.
Подготвителната комисија, составена од седум членови, изминатата недела се консултирала со околу 4.000 лица низ цела Сирија за да собере мислења што ќе помогнат при изработката на уставна декларација, нова економска рамка и план за институционални реформи.
Временскиот претседател Ахмед ал Шара изјави дека конференцијата е дел од широк политички процес за изработка на нов устав, што би можел да трае три години, а изборите се очекуваат во рок од четири години.
Според членот на комисијата Хасан Дагим, конференцијата ќе трае два дена, но може да биде продолжена доколку има потреба. Новата влада, што се очекува да биде формирана следниот месец, ќе ги користи препораките од конференцијата./МИА