Во пожарот на Кипар изгореле 1,3 отсто од површината на островот

28.07.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Во пожарот на Кипар изгореле 1,3 отсто од површината на островот

 Во големиот пожарот од минатата седмица што избувна северно од градот Лимасол на Кипар, изгорената површина е околу 1,3 отсто од површината на островот, покажуваат резултатите од анализата на кипарскиот Центар за извонредност „Ератостенис“, јави дописничката на МИА од Атина.

Процената се базира на добиените сателитски податоци, според кои во пожарот на 23 јули изгореле 120,7 квадратни километри.

- Земајќи предвид дека вкупната површина на Кипар е 9.251 квадратни километри, изгорената површина одговара на приближно 1,3 отсто од површината на островот, што е особено значаен процент со оглед на тоа што е резултат на само еден шумски пожар. Оваа загуба влијае не само на биодиверзитетот и природното наследство во областа, туку и на локалните заедници и екосистеми, за кои ќе бидат потребни децении за да закрепнат, соопштија од кипарскиот центар.

Дополнително, процените се дека од вкупната изгорена површина, околу 51 отсто се тревни површини; 31 процент се грмушки, 15,5 отсто шума, а 1,1 процент е површина на населено место.

Пожарот што беше активен речиси два дена, беше еден од најголемите на Кипар, животот го загубија две лица, двајца беа сериозно повредени, а предизвикана беше и голема материјална штета.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата