Во Мјанмар се одржува последниот круг од трифазните општи избори

25.01.2026
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Во Мјанмар се одржува последниот круг од трифазните општи избори

Во Мјанмар утринава се отворија гласачките места во последниот круг од трифазните општи избори, со што заврши речиси едномесечниот процес кој веќе им обезбеди на воените власти и нивните сојузници парламентарно мнозинство за формирање нова влада, јавуваат агенциите.

Критичарите велат дека изборите не се ниту слободни, ниту фер, и се наменети за легитимирање на моќта на војската откако ја собори избраната цивилна влада на Аунг Сан Су Чи во февруари 2021 година, наведуваат американските медиуми.

Партијата Унија за солидарност и развој, или USDP, поддржана од војската, веќе освои мнозинство во првите два круга од гласањето. Дваесет и пет проценти од местата во Горниот и Долниот дом на националниот Парламент се резервирани за војската, гарантирајќи ѝ на неа и на нејзините сојузници контрола врз законодавното тело.

Се очекува генералот Мин Аунг Хлаинг, кој ја предводи сегашната воена влада, да ја преземе лидерската функција кога ќе се состане новиот парламент, соопштија американските медиуми.

Критичарите велат дека изборите, одржани со строги ограничувања за јавна критика, се обид да се легитимира моќта на војската откако Мин Аунг Хлаинг го предводеше соборувањето на владата на Су Чи во 2021 година.

Тоа предизвика масовни протести и го втурна Мјанмар во граѓанска војна, а поради безбедносни стравувања, гласањето не се одржа во повеќе од една петтина од 330-те области во земјата, што е уште една причина зошто процесот беше опишан како ниту слободен ниту фер.

Воената хунта обвини повеќе од 400 лица кои ги критикуваа властите и го попречија изборниот процес, објавија државните медиуми.

Су Чи, 80-годишната поранешна лидерка на Мјанмар и нејзината партија не учествува на изборите. Таа отслужува 27-годишна затворска казна по обвиненија кои се сметаат за лажни и политички мотивирани, соопштија американските медиуми.

Претходните два круга гласање беа прекинати од вооружени групи кои се спротивставуваа на воената власт, извршувајќи напади врз гласачки места и владини згради во неколку области и убивајќи најмалку двајца административни службеници, соопшти војската.

Конечните резултати за сите парламентарни места се очекува да бидат објавени подоцна оваа недела. Воените власти објавија дека парламентот ќе биде свикан во март, а новата влада ќе ја преземе функцијата во април.

Партијата со мнозинство во комбинираниот Горен и Долен дом на парламентот може да избере нов претседател, кој потоа назначува кабинет и формира нова влада.

Повеќе од 4.800 кандидати од 57 политички партии се натпреваруваат за места во националните и регионалните законодавни тела. Повеќе од 24 милиони гласачи имаат право на глас, што е за околу 35 проценти помалку отколку во 2020 година, соопштија воените власти.

Излезноста во првите два круга гласање беше помеѓу 50 и 60 проценти.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата