Гардијан - Лондон
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, се подготвува да се соочи со редок предлог за недоверба во Европскиот парламент, кој најверојатно ќе го открие незадоволството поради поместувањето на политиките на ЕУ кон десницата.
Се очекува Фон дер Лајен лесно да го преживее денешното гласање по предлогот за укор, кој теоретски би можел да ја собори нејзината комисија. Иако нејзиниот опстанок се смета за сигурен, дебатата ги изнесе на површина наталожените незадоволства кај центристичките, централно-левичарските и зелените пратеници во Европскиот парламент кои ја изгласаа повторно на функција пред нешто помалку од една година, по изборите на кои десничарските националисти остварија најдобри резултати досега.
Предлогот за укор – поднесен од крајно десничарскиот, скептик кон вакцините, романски европратеник Ѓорге Пипереа – формално се однесува на одбивањето на фон дер Лајен да ги објави СМС-пораките што ги разменувала со извршниот директор на „Фајзер“ во пикот на Ковид-пандемијата. Нејзиното одбивање да ги открие пораките беше осудено од највисокиот суд на ЕУ и опишано како „лошо управување“ од страна на независен надзорен орган.
Предлогот содржи и критики за фондовите на ЕУ за закрепнување од Ковидот и за правната основа на Фондот за одбрана во вредност од 150 милијарди евра (129 милијарди фунти), како и неосновани обвинувања за мешање во неодамнешните избори во Германија и Романија.
Текстот на Пипереа доби поддршка од 76 истомисленици – националисти и екстремисти – со што го надмина потребниот праг од 10 отсто за да биде ставен на дневен ред.
Во борбен настап во Европскиот парламент во понеделникот, Фон дер Лајен ги исмеа „лажните тврдења за мешање во избори“ и обидите за „одново пишување на историјата“ за тоа „како Европа успешно ја надмина глобалната пандемија заеднички“.
Во својот говор, таа го претстави предлогот како дел од „една епоха на борба меѓу демократијата и недемократизмот“. Поврзувајќи ги екстремистичките партии „подгревани од теории на заговор – од антиваксери до поддржувачи на Путин“, таа изјави: „И доволно е да погледнете некои од потписниците на овој предлог за да разберете што сакам да кажам“.
Но, зад сцената, нејзини претставници се загрижени дека голем број отсуства и воздржани гласови од страна на главните политички групи може да го нарушат нејзиниот углед при гласањето.
Софија Русак, политиколог од Центарот за европски политички студии, изјави дека воздржувањето ќе биде јасен сигнал на несогласување со нејзиниот начин на водење политика: „Иако ќе преживее, тоа е јасно, овој случај е интересен бидејќи воопшто не се работи за Фајзер. Ова е сурогатна војна“.
Едвај една година по европските избори, Фон дер Лајен беше реизбрана за втор мандат како претседателка на Европската комисија, поддржана од главните политички сили: централно-десничарските, централно-левичарските, центристичките и зелените. Но, овие традиционални групи во голема мера загубија позиции на сметка на десничарските националисти, кои ги остварија своите најсилни резултати.
Групата на Фон дер Лајен, Европска народна партија од десниот центар, која малку го подобри својот удел на гласови на европските избори во 2024 година, гласно ја изрази својата поддршка. „В четврток едногласно ќе гласаме против предлогот,“ изјави лидерот на групата ЕПП, Манфред Вебер.
Додека Социјалистите и демократите изјавија дека нема да го поддржат предлогот, не е јасно колкумина од нив ќе се воздржат. Лидерот на СиД, Иратксе Гарсија Перез, го опиша предлогот како „реакционерски напад“ врз европската политика, но истовремено изјави дека е резултат на „целосно погрешната стратегија“ на ЕПП во Европскиот парламент. Таа се повика на случаи кога централно-десничарските пратеници гласаа заедно со крајната десница, на пример за да блокираат тело за етика во ЕУ, да ја одложат законската регулатива за известување за животната средина и да водат кампања против зелените невладини организации.
Се очекува дека и центристичката група Обнова (Renew) ќе има некои воздржани гласови. Еден од нејзините ирски членови, Бери Ендруз од Фиана Фајл, веќе најави дека ќе се воздржи, обвинувајќи ја Комисијата за неактивност во одбрана на народот на Газа од израелска агресија.
Вебер ја бранеше улогата на ЕПП, тврдејќи дека нивната група гласала заедно со главните политички сили „во 90% од случаите“, но дека платформата која ја доведе Фон дер Лајен на функција никогаш не била замислена како коалиција. Тој изјави дека одлуката на ЕПП да повика на укинување на последните предлози против „зелено перење“ на ЕУ – чекор поддржан од крајната десница – не е „злоупотреба на демократијата“, туку „покажува различни идентитети во нашиот дом“.
Во својот говор во понеделникот, Фон дер Лајен изгледаше како да навестува несогласување со критичарите од редовите на Социјалистите, изјавувајќи: „Одговорот никогаш не може да биде да се жалиме за тоа како гласале луѓето“. Иако вети дека ќе работи на компромис, нејзиното понудено маслиново гранче беше тенко и недефинирано. „Не можам да ветам дека секогаш ќе се согласуваме за сѐ во иднина“, рече таа.
Русак изјави: „Ова гласање, всушност, ќе се однесува на нивното (на Социјалистите) незадоволство од тоа како таа и Вебер градат нови мнозинства кои ги исклучуваат нив и ги вклучуваат оние што тие (Социјалистите) ги сметаат за опасни за европската демократија.“
Последниот предлог за укор против претседател на Комисијата беше поднесен против Жан-Клод Јункер во 2014 година, поради скандалот со LuxLeaks. Парламентот никогаш не изгласал предлог за укор, но во 1999 година таква закана предизвика оставка на целата Комисија предводена од Жак Сантер, по скандал со измами и корупција.
Четврт век подоцна, ЕУ се соочува со многу потурбулентен свет – од војната во Украина, преку климатската криза, до можна трговска војна со САД под водство на Доналд Трамп.
Фон дер Лајен упати апел до европратениците да го имаат тоа на ум: „Силата доаѓа само преку единство“.