Украина соопшти дека Русија се подготвува да симулира инцидент во нуклеарна централа

27.05.2023
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Украина соопшти дека Русија се подготвува да симулира инцидент во нуклеарна централа

 Украинското Министерство за одбрана соопшти дека Русија подготвува симулација на сериозен инцидент во нуклеарната централа Запорожје, која е под контрола на проруските сили, со цел да ја спречи контраофанзивата на Киев за враќање на териториите окупирани од Москва.

Нуклеарната централа Запорожје, која се наоѓа во рускиот окупиран дел на јужна Украина, е најголемата нуклеарна централа во Европа, а нејзината непосредна околина постојано е гранатирана, за што двете страни меѓусебно се обвинуваат.

Генералниот директорат за разузнавање на украинското Министерство за одбрана посочи дека руските сили наскоро ќе ја гранатираат централата, а потоа ќе објават дека има истекување на радијација. Ова би предизвикало меѓународна истрага за време на која ќе престанат сите непријателства.

Во пораката на Директоратот, која беше објавена на социјалната мрежа Телеграм, не се презентирани никакви докази. Се додава дека Русија ја спречила планираната ротација на инспекторите на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) стационирани во централата.

МААЕ, која често објавува извештаи на ситуацијата околу централата, не го спомна ова прашање.

Минатата недела, очевидци изјавија дека руските сили ги зајакнуваат одбранбените позиции во и околу централата во очекување на контраофанзива. 

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата