„Војници на Корејската народна армија: Вие, кои сте испратени да му помогнете на режимот на Путин, не треба бесмислено да умирате во странска земја“, објави украинската воена разузнавачка агенција ГУР на 23 октомври на својот чет-бот „Телеграм“, пренесе „Бизнис инсајдер“.
Проектот „Сакам да живеам“ им овозможува на руските војници да се предадат со повикување на специјална телефонска линија за предавање. Иако пристапот до оваа линија и четбот е блокиран во Русија од октомври 2022 година, тие сè уште се достапни преку VPN.
„Предаје се! Украина ви обезбедува заштита, храна и топлина“, се вели во соопштението и се додава дека руските војници кои се предале сега живеат во „удобни бараки“ и добиваат „три топли оброци дневно“.
Заедно со објавата, Украина објави и видео на корејски, во кое се прикажани условите во логорите на заробениците и оброците што се служат таму. Видеото е објавено и на платформите „Икс“ (поранешен „Твитер“) и „Јутјуб“, на кои се прикажани телефонски број и „QR“ код за севернокорејските војници кои сакаат да стапат во контакт со украинските власти.
Министерството за одбрана на Украина не одговорило на барањето за коментар. Се верува дека Северна Кореја испратила илјадници војници да ѝ помогнат на Русија во војната против Украина, според јужнокорејски, украински и американски претставници.
Во неделата, украинскиот претседател Володимир Зеленски во вечерното обраќање на Телеграм рече дека севернокорејските трупи „може да се појават на бојното поле секој ден“.
„Украина ќе биде принудена всушност да води војна против Северна Кореја во Европа“, додаде Зеленски.
Распоредувањето на севернокорејските трупи е уште еден показател дека Русија е сѐ повеќе зависна од сојузниците за да ги продолжи своите воени напори. Владимир Путин, пак, одвои 40 отсто од националниот буџет за воено производство и потпиша договор со Пјонгјанг со кој ќе се отвори нов извор на воена опрема и муниција.
Ukraine's surrender hotline is tempting North Koreans to desert, promising they'll be well fed https://t.co/yVREOm7WDH
— Business Insider (@BusinessInsider) October 28, 2024
Сепак, украинските напори да ги наведат севернокорејските војници да се предадат се соочуваат со сериозни пречки. Експерти за Северна Кореја претходно за „Бизнис инсајдер“ изјавија дека Пјонгјанг применува строги контролни мерки за граѓаните што ги испраќа во странство.
Џозеф С. Бермудез Јуниор, севернокорејски експерт за одбрана во Центарот за меѓународни и стратешки студии, рече дека Ким Џонг Ун најверојатно ќе испрати само „политички доверливи луѓе“ на првите линии.
Според Бермудез, заедно со испратените војници ќе има и службеници од Работничката партија на Кореја, кои „ќе поднесуваат извештаи за сите“.
Брус В. Бенет, одбранбен истражувач и специјалист за Северна Кореја во организацијата РАНД, рече дека земјата се обидува да ги контролира своите граѓани во странство, заканувајќи се дека ќе ги казни нивните семејства доколку пребегнат.
Поради ова, севернокорејските дипломати речиси никогаш не смеат да го земат целото семејство со себе кога одат на задачи во странство, објасни Бенет.
Како што додава Бермудез, дезертерите носат голем ризик бидејќи ги загрозуваат нивните семејства.
„Северна Кореја верува во казна заснована на принципот на колективна вина низ генерациите“, заклучи тој.