Светските берзи бележат драматичен пад, предизвикан од американските царини. Најпогодени се азиските берзи. Индексот на хонгконгшката доживеа минус од 13 проценти, најголем во последните три децении, а токиската со 9, а тајванската регистрираше најголем дневен пад во историјата. Нешто подобро поминаа европските, лонднонската „ФТСЕ“ тргувањето го почна со шест, а германскиот „Dакс“ со пад од 10 проценти. Кина која се соочува со вкупни царини од над 50 проценти, обвинува за економско злоставување.
-САД наметнуваат хегемонија во име на реципроцитетот. Ова е типичен унилатерализам, протекционизам и економски булинг. , изјави Лин Џијан, портпарол на министерство за надворешни работи.
Трамп засега се оглушува на барањата за пролонгирање на вториот пакет царини, кои стартуваат за два дена и достигнуваат до 60 проценти. Апел за тоа стигна и од милијардерот и еден од најголемите поддржувачи на Трамп, Бил Акман, кој побара одложување на новите царини за 90 дена и кој на социјалните мрежи предупреди дека светот се соочува со економска нуклеарна зима. Прашан дали кај него постои праг на толеранција во однос на падот на берзите, Трамп вели:
-Мислам дека вашето прашање е глупаво. Не сакам ништо да пропадне, но понекогаш треба да пиете лекови за да поправите нешто. Дали е постигнат некаков договор? Разговарав со многу лидери, европски, азиски, од целиот свет. Тие „умираат“ да склучат договор. И јас реков, нема да имаме дефицити со вашата земја. Нема да го направиме тоа, бидејќи за мене дефицитот е загуба. Ќе имаме суфицити или во најлош случај, ќе бидеме рамномерни. , изјави Доналд Трамп, претседател на САД.
Царинската војна на Трамп ја турна и цената на биткоинот за 4 проценти, а на златото за 0,6. Најголем пад бележи нафтата, чија цена потона за 10 отсто во изминатата недела. Тоа според дел од аналитичарите би значело и намалување на производството и прв индикатор за можен вовед во глобална рецесија.
Прогнозата на „Џеј Пи Морган“ e дека шансите за глобална рецесија сега, во пресрет на тарифите на Трамп се над 60 проценти. Тоа ги прави Американците нервозни, ги прави нервозни сенаторите, конгресмените, гувернерите, бизнисмените... , изјави Дејвид Коен, поранешен амбасадор на САД во Канада.
Европската Комисија најави дека во среда ќе усвои контрамерки како одговор на американските царини за увоз на алуминиум и челик, додека за останатите царини одговор ќе следи по консултациите со земјите-членки.