Кандидатот за претседател на Полска, поддржан од главната опозициска националистичка партија „Право и правда“ (ПиС), Карол Навроцки, се сретна со американскиот претседател Доналд Трамп во Овалната соба, што според меиумите, претставува израз на поддршка на Трамп за Навроцки.
Полските граѓани ќе гласаат на првиот круг од претседателските избори на 18 мај.
„Претседателот Трамп ми рече: ‘Ти ќе победиш’“, изјави Навроцки за приватната телевизија „Република“. „Го прифатив тоа како желба за успех на претстојните избори, а по овој ден можам да кажам дека американската влада е свесна за случувањата во Полска“, додаде тој.
Навроцки присуствуваше на настан во Белата куќа по повод Националниот ден на молитвата. Белата куќа објави фотографии од средбата во Овалната соба на платформата Х, на кои се гледа како Трамп и Навроцки си подаваат рака и покажуваат палец пред камерата.
Националистичката партија „Право и правда“ се позиционира како силен поддржувач на Трамп, а нејзините пратеници го скандираа неговото име во полскиот парламент по неговата изборна победа. Сегашниот претседател и лидер на ПиС, Анджеј Дуда, беше еден од омилените меѓународни партнери на Трамп за време на неговиот прв мандат од 2017 до 2021 година, и обајцата изјавија дека одржуваат пријателски односи.